Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, го заврши претресот во канцелацијата на поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. На заминувањето рече дека се работи за предистражна постапка за оддавање службена тајна, но и за злоупотреби на АКМИС системот преку кој се врши распределба на судските предмети.
-Со наредба од судот ги одземавме сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување на предмети. Едната предистражна постапка е поврзана со друг предмет кој произлегува од прислушуваните разговори, рече Јанева.
Таа додаде дека лицата биле цел на оперативно следење и се поврзани со предмет кој произлегува од друга постапка на СЈО. Претреси биле направени и во канцелариите на информатичарите во судот и во семејни домови на информатичарите и во домот на Панчевски.