Јанева му дозволи на Камчев да се „шета“ надвор од државата

by fokus

Специјалната обвинителка Катица Јанева му дозволила на бизнисменот Јордан Камчев да ја напушти државата и да патува, иако до неодамна како безбедносна мерка му беше одземен пасошот, како осомничен во случајот „Империја“.

Јавноста дозна дека Камчев е надвор од државата, кога беше забележан во Келн, Германија, каде во живо го следеше Европското првенство во ракомет. Одлуката да му се даде дозвола за времен пасош ја донел судија на претходна постапка во Кривичниот суд, но откако претходно Јанева дала зелено светло, односно позитивно мислење.

Затоа ја прашавме обвинителката, на која околност му е даден времен пасош на Камчев и за колкав временски период, но засега немаме одговор на нашите прашања. Исто така од Јанева чекаме одговор, дали стравува дека Камчев може да избега во Бугарија, бидејќи покрај македонското државјанство, тој поседува и бугарско?

Постои пракса на обвинети или осомничени да им се даваат времени пасоши, кои се во траење од шест месеци, но строго за лекување во странство, односно поради здравствени причини. Засега е енигма поради која причина Камчев добил можност да патува, а притоа и да замине на спортски натпревар. Исто така не е познато и дали Камчев се вратил во Македонија.

Камчев до неодамна беше во куќен притвор, а во март со одлука на Врховниот суд беше пуштен да се брани од слобода.

Поврзани новости