Поранешниот осуден премиер, Никола Груевски кој е во бегство во Будимпешта во нов статус на својот Фејсбук профил тврди дека поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева барала да сведочи против неговите поранешни блиски соработници Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Мартин Протогер и други и му ветувала дека ако зборува против нив, тој ќе биде ослободен.
Груевски објаснува дека бил повикан во СЈО да даде изјава за два предмета. Откако дал изјава пред обвинител, Јанева го викнала да влезе во нејзината канцеларија, сам, без адвокатот.
– На почетокот со многу пријателски тој ми кажа дека за мое добро треба да го сменам адвокатот бидејќи многу штета ми прави и дури ми посочи неколку други адвокати кои по нејзино мислење би биле подобни, а плус според неа биле политички наклонети кон мојата партија.
И кажав дека сум многу задоволен од адвокатот а дека тие што ми ги кажа не ги познавам и за повеќето дека имињата прв пат им ги слушам. Неколку месеци подоцна мојот адвокат сам се повлече под очигледен жесток притисок и сериозни закани. Му беше многу непријатно, беше преплашен од тоа што го добил како порака, … но настрана сега тоа, објаснува Груевски.
Потоа Јанева почнала да го фали дека бил многу успешен премиер и дека направил многу за земјата, дека многу работел и дека таа тоа многу го цени.
-Веројатно тоа беше влог во стекнување доверба.
„Па добро“, продолжи таа, еве јас се согласувам дека навистина вие немате вина, но ајде помогнете ни за другите”.
„Што да ви помогнам и за кого“ ја прашав. Почна да набројува имиња, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Мартин Протогер и уште неколку други.
„Еве вие помогнете ни за да ја докажеме вината за нив и ние ќе се согласиме дека вие немате вина“ одговори шефот на СЈО со прилично милозвучен глас и поглед со блага насмевка кој требаше да ми влее чувство на добронамерност и доверба.
„Чекајте ве молам, дали тоа вие од мене барате да ги наместам другите за вие да ме ослободите мене?“, ја прашав.
„Па немојте така да ги сфаќате работите, јас само барам да ни помогнете, да имаме соработка“.
И одговорив дека луѓето добро ги познавам и знам дека немаат никаква вина. Дека и тие како и јас сме под политички прогон и дека немам ништо во прилог што би и помогнало, а да местам некој невин, тоа не доаѓа во предвид.
„Добро“, одговори подналутена и веќе со поостар тон. Тогаш ние ќе продолжиме со нашата работа, по што по кратко ја завршивме средбата, пишува осудениот поранешен премиер.
Груевски всушност со ова се надоврза на објавата на таткото на осудениот за „27 април“, Јане Ченто кај кого наводно во притвор дошле лица од власта и му рекле да зборува тоа што ќе му кажат и дека ќе биде ослободен од обвиненијата.
Тој во објавата го споменува и текстот на „Фокус“ за неговите скриени имоти.
-Денеска прочитав дека повторно лиферувале нови лаги за наводни индиции за нови наводни мои скриени имоти со кои немам никаква врска. Ќе дојде крајот и на оваа ера еден ден. Па како што кажа Јане Ченто на неговото судење: “ќе изгрее сонцето на слободата”, порачува Груевски.