Јанева го тужи Боки 13 за неовластено снимање

by Fokus

Кривичниот суд во Скопје не го прифати предлогот на првообвинетиот во предметот „Рекет”, Бојан Јовановски – Боки 13, во дополнение на доказната постапка како сведок да биде сослушан Горан Николовски, поранешен директор на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање.

На оваа одлука реагираше бранителот на обвинетиот Боки 13, адвокатот Сашо Дуковски, кој рече дека во овој случај се прифатени многу понерелевантни сведоци, како на пример сведокот Христијан Баневски.

– Ако сведокот Горан Николовски не е важен да биде сослушан во овој предмет тогаш не знам кој сведок е важен да биде сослушан, истакна адвокатот Дуковски.

Воедно судот одби и дел од доказите доставени од страна на обвинетата Катица Јанева, а прифати да се презентираат како докази извод од сметката на Константин Делкиџаков (татко на Јанева) и приватна тужба од Катица Јанева кон Бојан Јовановски-Боки 13.

– Приватната кривична тужба е поднесена на 13 март 2020, заради неовластено снимање. Досега судот уште нема преземени дејства, рече Ирена Фрчковска, бранител на Јанева.

Следното рочиште е закажено за 7 мај, кога обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 ќе треба да ја даде својата одбрана.

Во досегашниот процес за случајот „Рекет”, се презентираа разни материјални докази и сведоци.

Судењето почна во декември минатата година. На првото рочиште второобвинетитот Зоран Милевски – Кичеец ја прифати вината и доби осудителна пресуда од три години затвор. На Милевски пред неколку седмици му беше укинат и куќниот притвор.

Поврзани новости