Освен бизнисменот Орце Камчев, времен пасош неодамна добил и бизнисменот Цветан Панделевски, исто така осомничен во случајот „Империја“ на СЈО.
Од Кривичниот суд за „Фокус“ ја потврдија информацијата, посочувајќи дека времениот пасош е даден по претходно позитивно мислење од СЈО. За разлика од Камчев, кој доби пасош за да оди на службен пат, на Панделевски му е дозволено да ја напушти државата поради лекување и операција во странство.
Јавноста дозна дека Камчев е надвор од државата, кога беше забележан во Келн, Германија, каде во живо го следеше Европското првенство во ракомет. Одлуката да му се даде дозвола за времен пасош ја донел судија на претходна постапка во Кривичниот суд, но откако претходно Јанева дала зелено светло, односно позитивно мислење. Во таков случај на судијата му се врзани рацете, односно мора да го почитува мислењето на обвинителот. Истата процедура била спроведена и за Панделевски.
Постои пракса на обвинети или осомничени да им се даваат времени пасоши, кои се во траење од шест месеци, но строго за лекување во странство, односно поради здравствени причини.