Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска треба да изврши увид во доказите приберени за истрагата „Рекет“.
Јанева во вторникот беше во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција каде што беше повикана да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска. Сепак Јанева побарала прво да ги види доказите, а потоа да зборува. Русковска истиот ден ги извести Јанева и нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска дека истражната постапка е завршена и дека имаат рок од 15 дена да достават свои докази.
Увид во доказите вчера вршеше Бојан Јовановски, кој е првоосомничен во случајот „Рекет“.
Случајот „Рекет“ Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Јовановски и Јанева се во притвор во Затворот Скоје, а Зоран Милески – Кичеец со одлука на судот од завчера е префрлен во домашен притвор.