Општина Кавадрци се подготвува за една од најстарите манифестации во земјава, Тиквешки гроздобер, кој ќе се одржи од шести до осми септември. Настанот секоја година привлекува илјадници посетители од земјава, но и од регионот, а од организацијата и годинава нудат богата културно-забавна програма.
Покрај концертите на домашните и регионални музички гости, ќе се одржат и бројни културни, спортски и ликвни настани, дегустации, но и далеку прочуениот Тиквешки карневал.
Како што појаснува за ,,Фокус” градоначалникот Митко Јанчев, наредната недела во Кавадарци доаѓаат 16 делегации од страна, од побратимените градови, и Кавадарци е отворен град за секој кој сака да биде дел од големата забава која со масовната посетеност придонесува и за економскиот развој на општината.
Се продаваат тони на вино и ракија, угостителските објекти работат со полна пареа, се полнат сместувачките капацитети…
-Општина Кавадарци продолжува да ја негува традицијата и манифестацијата Тиквешки гроздобер и годинава ќе биде организирана на ниво. Се внимава на секој аспект, река од народ доаѓа во градот и драго ми е што во годините наназад, кога десетици илјади посетители се забавуваа на настанот, максимално се водеше грижа да нема нарушувања на јавниот ред и мир, туку се поминува во духот на добро расположение и промоција на нашите локални производи.
За годинашната манифестација општината одвои 6,5 милиони денари, средства кои првенствено се наменети за карневалските потреби, а додека пак околу пет милиони денари се обезбедени од спонзори. Средствата од спонзорите се наменети за покривање на хонорарите на музичките гости, појаснува градоначалникот.
Периодов во речиси секој град во земјава се одржуваат општински манифестации со популарни музички гости, а Јанчев смета дека Општина Кавадарци, која бележи напредок и раст на секое поле, заслужува една ваква, голема манифестација, која ќе им понуди забава на граѓаните.
-Нашата општина бележи развој во секоја област, се движиме по европскиот пат и одиме напред. Би ја спомнал противпожарната единица која е една од најопремените во земјава, па затоа и редовно наши пожарникари и возила одат на испомош во други општини, имаме комунално препријатие со најсовремена опрема, постојано во градот и околните села се гради, се реализираат нови проекти…
Кога се работи во тек на цела година со вакво темпо, сосема заслужено е да се одвои и време и средства за еден ваков културно-забавен настан, кој во името на традицијата го продолжуваме и се трудиме секоја година да привлечеме повеќе гости.
Сите се добредојдени во Кавадарци на Тиквешки гроздобер, порача Јанчев.
На Тиквешки гроздобер ќе настапат голем број на домашни музичари, но и гостите од страна – Реља, Милица Павловиќ и Ацо Пејовиќ. Лани музичка ѕвезда беше Лепа Брена, која донесе десетици илјади посетители од земјава, но и од регионот.
Вики Клинчарова