Јанчев вети шопинг мол, зоолошка градина и уште 180 проекти: Вербата во младите ми е водилка во кампањата!

by fokus

Не случајно ја започнувам кампањата опкружен со млади луѓе, бидејќи токму вербата во оваа младост ми е водилка на претстојните избори – за ,,Фокус” вели актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, кој беше опкружен со стотици младинци за време на снимањето на промотивната фотосесија за кампањата.

Тој ќе ја бара довербата на кавадарчани по втор пат, и појаснува дека има остварлива и квалитетна програма. Желбата да го направи Кавадарци град кој ќе продолжи да оди напред и каде младите ќе ја гледаат својата иднина, била мотив уште повеќе да се залага општината да напредува на секое поле.

-Иднината е во младите и треба да им се овозможи живот во една средина каде ќе можат да ги покажат своите квалитети, да ги докажат вредностите и да бидат ценети. Јас стојам покрај нив, како најголема поддршка, како човек кој секогаш се стреми да дојде до израз квалитетот на секој поединец. И токму професионалните квалификации и квалитети се најважни, а младите со право бараат еднакви можности за напредок, без никакви поделби. Јас сум за сите млади, Кавадарци е за сите млади – тврди Јанчев.

Додава дека во програмата со која повторно ќе ја бара довербата на граѓаните содржи над 180 проекти, за кои ветува дека ќе ги реализира. Акцентот на програмата бил ставен на младината, на нивните интереси и потреби, со цел да се развиваат во една урбана и модерна средина, и да се оформат во зрели личности чиј потенцијал и квалитети ќе му донесат дополнителен напредок на градот.

Ветува бесплатен оброк за сите ученици од прво до петто одделение, односно околу 1.800 ученици ќе добиваат здрав оброк подготвен од нутриционисти. Најавува изградба на трговски центар-Кавадарци Мол, изградба на зоолошка градина со низа на атракции за посетителите, затворен базен, како и обиколница која ќе го намали протокот на тешки товарни возила низ градското подрачје.

Вели дека ова е само дел од 180-те проекти, кои првенствено се наменети за младите, со цел да им се овозможи квалитетeн живот во урбана средина, каде ќе можат да се посветат на спортување, на здрав живот и ќе имаат можности за квалитетни активности.

В.К.

Поврзани новости