Јанчев: Нема да бидам лидер, но би се вклучил во идното раководство на ВМРО-ДПМНЕ

by Фокус

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, ја отфрла можноста да влезе во внатрепартиската трка за лидер во ВМРО-ДПМНЕ по повлекувањето на Никола Груевски, но најавува дека би станал дел од новото партиско раководство.

-Лидер нема да бидам, но може да станам дел од партиското раководство како носител на одредена партиска функција – изјави Јанчев за Фокус, најавувајќи дека ќе влезе во тимот на некој од кандидатите за партиски лидер.

Името на Јанчев почна да се споменува како можен наследник на Груевски откако тој постигна голем успех на изминатите локални избори, кога му донесе победа на ДПМНЕ во ситуација кога партијата загуби во скоро сите општини со доминантно македонско население.

Инаку, опозициската партија ќе го избере новиот партиски лидер на вонреден конгрес на 22 и 23 декември во Валандово, на кој ќе учествуваат и ќе одлучуваат 544 делегати.

Во меѓувреме, партискиот генерален секретар Христијан Мицковски и поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски ја оставија отворена можноста да се кандидираат за лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај нив, како потенцијални кандидати се споменуваат координаторот на пратеничката група на ДПМНЕ, Илија Димовски, како и уште еден поранешен министер за надворешни работи и актуелен пратеник, Никола Попоски, но тие се уште јавно не се изјасниле.

Во секој случај, во периодот што следува тие треба да ги расчистат дилемите дали навистина сакаат да се вклучат во трката за нов лидер, а потоа дали да трчаат самостојно или да ги здружат силите во табори.

Се уште актуелниот лидер во оставка Груевски вчера на фејсбук најави дека нема да се меша во изборот за негов наследник, апелирајќи претендентите да водат фер и коректен внатрепартиски изборен натпревар.

„Изборот ќе заврши за дванаесет дена и потоа секој и е потребен на партијата независно дали како член на раководството, пратеник или било каков соработник или поддржувач со значително искуство и авторитет. Најмногу од се, секој е одговорен да внимава за задржување на единството на партијата, како до, така и по Конгресот“, порача Груевски.

В.С.

Поврзани новости