Градоначалникот на Кавадарци и поранешен потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, Митко Јанчев во емисијата „Во центар“ изјави дека ќе се кандидира за лидер на ВМРО ДПМНЕ кога претседател ќе се бира на непосредни избори, бидејќи партијата оди во погрешен правец и бележи само порази на политичката сцена.
Според Јанчев мора да се прекине со праксата лидерот на партијата да биде избран или поставен од мала група луѓе и потоа тој да им биде должник и да работи за нивните интереси. Јанчев смета дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ треба да биде избиран со гласање на целокупното членство.
-Ќе се кандидирам за лидер на ВМРО ДПМНЕ на непосредни избори кога целото членство на партијата ќе биде во состојба демократски да гласа и да го избере новиот лидер. Мене не ми се потребни конгреси во Валандово, јас сакам целото членство да може да каже дали ја заслужувам довербата да дојдам на чело на партијата. Не го разбирам Христијан Мицкоски, вели Јанчев, не треба некој да те брка од партијата, треба да го исполниш тоа што си го ветил. Ако си кажал дека по пораз на изборите ќе се повлечеш од лидерската позиција тогаш секое ветување треба да се исполни, вели Јанчев.
На прашањето дали постои договор меѓу него и Зоран Заев, Заев да остане на чело на владата до 2024 година, а потоа на премиерската функција да го замени Јанчев, тој одговара дека нема таков договор.
-Мојата намера е да се кандидирам за уште еден градоначалнички мандат во Кавадарци и кога ќе се создадат демократски услови да се кандидирам на непосредни избори за лидер на партијата, вели Јанчев.