Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и неговата семејна фондација „Никола Јанчев” денес по повод верскиот празник Свети Никола ги доделија ветените стипендии на студенти од Кавадарци.
Фондот на доделените стипендии изнесува околу 12 илјади евра, односно градоначалничката плата на Јанчев во целост, плус стипендијата од 2.000 евра обезбедена од неговата семејна компанија „Кожувчанка” за младата Марија Трајкова која остана без двајцата родители.
За време на свеченоста пред присутните Јанчев порача дека фондацијата основана во чест на неговиот татко Никола кој што почина пред 14 години, има примарна цел да подаде рака и да помогне каде што е најпотребно.
-Горд сум на фондацијата и на мојот град Кавадарци, на сите кои се вклучуваат во ваквите фондации за финансиската помош да стигне во правите раце. Уште на почетокот на мандатот ветив дека мојата градоначалничка плата комплетно ќе оди во фондациски цели, односно 720 000 денари и плус се доделени и средства од компанијата „Кожувчанка”. И ја давам силната поддршка на младата Марија која остана без родителите, секогаш ќе бидеме со неа. Болката да се биде без родители е голема, тоа можам да го споделам бидејќи и јас останав без татко ми на 22 години, родителот секогаш е неопходен и годините се неважни – порача Јанчев, при тоа честитајќи го празникот Свети Никола.
Помеѓу присутните студенти и гости на свеченото доделување на стипендиите можеше да се забележи и Никола Тодоров, поранешниот министер за здравство. На нашето прашање во која улога е Тодоров присутен на свеченоста, градоначалникот вели дека тој е добар семеен пријател, но покрај тоа и правник во неговата семејна фирма.
И во минатото Тодоров во повеќе наврати бил гостин во Кавадарци, и важи за добар пријател на Јанчев. Лани во октомври кога Јанчев беше разрешен од функцијата потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, Централниот комитет во исто време ги исклучи од партијата и Никола Тодоров и Сашо Мијалков.
В.К.