Јанчев: Ајде да ги амнестираме луѓето кои на 27 април направија глупост под еуфорија!

by Фокус

Потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, вели дека вчерашниот повик на премиерот Зоран Заев за помирување и простување за немилите настани во парламентот на 27 април го сфатил како повик за амнестија. Спроед него, треба да се амнестираат обвинетите за крвавите инциденти во парламентот.

-Ајде да ги ослободиме луѓето, кои во таа еуфорија на 27-ми април, без намера или некаква организација, ненамерно направиле глупост. Таа работа треба да заврши во парламентот, со едногласно крената рака за амнестија на сите. Јас така би постапил. Правната држава допрва треба да почнеме да ја градиме. Бидејќи, таа не важеше ни кога се кршеше Деловникот во Собранието, не важеше ни кога се носеа некои закони… – вели Јанчев во интервју за Дојче Веле.

Тој истакнува дека доколку бил пратеник во парламентот, би гласал за уставни измени, но под неколку услови. Како што објаснува Јанчев, би поднел неколку амандмани со цел, како што вели, да се обезбедат дополнителни гаранции за нашата држава.

– Прво, новото име да не се применува за внатрешна употреба се до приемот на Македонија во ЕУ. И тие гаранции би ги барал од ЕУ, со оглед дека нејзини претставници во изминатиот период дојдоа да дадат поддршка на Договорот со Грција. Сметам дека тоа може да се реализира, а и Грција би била помотивирана што поскоро да станеме членка на ЕУ, односно да не ја блокира Македонија во текот на преговорите. Значи, во тој дел Договорот да се спроведува сукцесивно, согласно со приближувањето на Македонија до полноправно членство во Унијата. И притисок до ЕУ во таа насока треба да има и од власта, и од опозицијата. Второ, да се гарантира македонскиот јазик и идентитет. Трето, да се гарантира дека односот на државата кон дијспората навистина ќе се регулира според европски терк – посочи потпретседателот на најголемата опозициска партија.

Јанчев истакнува дека добивал закани откако излегол да гласа на референдумот, исто како што, нагласува тој, сега имаат пратениците.

Поврзани новости