Јанакиески во суд ги потврди разговорите со Груевски за рушењето на “Космос”

by fokus

На денешното рочиште за случајот “ТНТ”, односно за рушењето на објектот “Космос” на Фијат Цановски, екс министерот Миле Јанакиески ги потврди разговорите објавени во “бомбите”.

Тој денеска ја даваше својата одбрана, во која негираше вина, но потврди дека разговарал со екс премиерот Никола Груевски и се извини за кажаното.

Првобвинет во овој случај е Груевски, како нарачател на уривањето на Космос, а целта била одмазда врз Цаноски поради напуштањето на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

Во еден од разговорите Груевски му предлага на Јанакиески да се смени Деталниот урбанистички план за да се оствари замислената цел за рушење на објектот на Цаноски. Потоа се предомислува и предлага да се смени и Генералниот урбанистички план.

Експремиерот друг разговор пак го сугерира и денот погоден за рушење на објектот- ден после изборот на новата влада. Но повторно се предомислува и му сугерира на Јанакиески рушењето да се спроведе на 1. август, кога почнува „фул сезона на годишни одмори“.

Јавноста ја памети и телефонската комуникација помеѓу Груевски и Јанакиески, во која тогашниот премиер Груевски вели „да не ја тупиме, да го срушиме со динамит“, како и реченицата “му течеше по ногавици“ кога го опишуваше како изгледал Фијат Цаноски по една средба со него.

Во овој случај обвинети се повеќе лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на екс премиерот Груевски.

В.В.

Поврзани новости