Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, реагираше на наводите и тврдењата искажани од страна претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, во интервјуто за Радио Слободна Европа, во кое таа вели дека градбите од „Скопје 2014“ се неквалитетни и мисли дека тоа многу брзо ќе се види.
Јанакиески вели дека не му е јасно врз база на кои документи претседателката на Асоцијацијата на архитекти утврдила дека градбите во централното градско подрачје се неквалитетни, па ја повика доколку има докази истите да ги достави до надлежните државни органи.
-Дали тоа, според Сања Раѓеновиќ значи дека голем број на надзорни органи и градежни компании кои секој ден контролираат градби и прават анализи во лаборатории се нестручни и работат непрофесионално? Ако има такви индиции кои се базираат на докази, нека ги достави до надлежните органи, наместо паушално да дава изјави од исклучиво дневно- политички побуди, рече министерот Jанакиески.
Тој додаде дека доколку Раѓеновиќ не ги достави доказите ќе бара од неа да се извини, за како што рече, оцрнувањето на нејзините колеги кои работеле на проектот.
По реакцијата на министерот, остана нејасно, зошто токму тој застана во одбрана на проектот „Скопје 2014“, бидејќи поголемиот дел од градбите беа под надлежност на Министерството за култура, Општина Центар и Град Скопје.