Апелациониот суд Скопје, денеска до Основниот кривичен суд Скопје, го доставил решението со кое на обвинетиот во повеќе судски предмети Миле Јанакиески, му ја укинува мерката куќен притвор и му ја заменува со мерка претпазливост.
– Постапувајќи по жалбата изјавена од одбраната на М.Ј., обвинет во предметите со КОК 53/17 означен како „Т.Н.Т.“, КОК 7/18 означен како „Титаник“, КОК 9/19 означен како „Талир“, КОК 57/17 означен како „Топлик“, КОК 52/17 означен како „Траекторија“ и КОК 30/20 означен како „Шпански скали“, ја уважи жалбата за укинување на мерката куќен притвор, информираат од Основен кривичен суд Скопје и додаваат дека мерката претпазливост е забрана за напуштање на територијата на државата и Град Скопје, односно обврска обвинетиот да се јавува во судот и забрана за издавање на друга патна исправа.
Одлуката на Апелација значи дека Јанакиески по три години излегува од куќен притвор и ќе се брани од слобода во сите судски процеси во коишто е обвинет, со оглед на тоа што прв пат му бил одреден притвор на 14 ноември 2018 година. Тој е осуден само во два случаи, но пресудите се уште не се правосилни.