Јанакиески кон член од партијата: Какво туширање, избори се, гласачи треба да се носат!

by fokus

Судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство продолжува на 14 ноември, откако на денешното рочиште беа преслушани околу 70 разговори.

На најголем дел од преслушаните разговори денеска можеше да се чуе гласот екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески како ден пред и на самиот ден на вториот круг на локалните избори на 7 април 2013 година ги координира сите, од членови на месни комитети до вработени во општини и компании. Се слуша како договара списоци со гласачи, акции за координирано изнесување гласачи, се разговара за тоа колку од таргетите се исполнети и зошто се доцни со внесување на тие што излегле на гласање, но и за можни опции за вклучување на гласачи од Пустец.

Ден пред гласањето Миле разговара со машко лице кое му вели, “ќе прават скандал со овие од Пустец, не треба да им се даде материјал да јадат гомна, нас тоа не ни одговара”, по што Миле се замислува и изгледа како да се согласува со соговорникот. Сепак, подоцна во следните разговори, може да се чуе како Миле нервозно се јавува по партиски членови распоредени на гласачките места во Центар и ги информира дека СДСМ почнале да внесуваат лица кои гласаат до иста адреса и оти ќе се обидат тоа да го внесат во забелешка.

– Да знаеш дека ќе пробаат во забелешка да внесат дека повеќе лица гласаат од иста адреса. Има СДСМ насоки ако се појави лице што гласа на иста адреса со исти луѓе да им се побара лична карта. Не го дозволувајте тоа, кажете дека е кривично дело. Ако имаш проблеми барај ме, ги дава истите насоки Миле на повеќе соговорници.

На денот на гласањето, Миле се јавува по високи членови од партијата, од кои бара да притискаат за да излезат гласачите во Центар, додека од друга страна се јавува кај Н.Н. лице, веројатно вработено во некој од телеком операторите, и бара да биде исклучен конкретен број до кој се јавувале и вршеле агитирање за СДСМ.

Откако еден од членовите, не одговара на телефон, Миле се јавува кај друг и се заканува да му кажат да се јави, зошто во следните четири години немало да му крене телефон. Во следниот разговор, членот го информира дека се тушира, на што Миле нервозно вели „какво туширање, избори се, треба гласачи да носи он се тушира“.

Претходно пак, на 6 април 2013 година Миле Јанакиески добива повик од Алелсандра Андреевска, која му се претставува како ќерката на Војо и му кажува дека има 79 гласа, лица со кои веќе има контактирани еднаш. Андреевска го прашува дали смее денеска повторно да ги контактира луѓето за утре да излезат да гласаат.

– Секако дека смееш, ама најдобро е да си земете ти, татко ти, сестра ти по 10 луѓе и да си ги однесете на гласање, вели Јанакиески, посочувајќи и дека ако има потреба да ја побара Елена Петковска, која ја знае целата шема.

Во една од снимките се појавува и Гордана Јанкулоска, која разговара со машко лице кое и вели дека има некои лица кои агитираат за Куманово против нив и дека зборуваат за криминали на Груевски и бара од неа да се направи нешто да се успорат некако.

– Не, не па ние си имаме и други методи, многу сме подобро организиранк од ова комуњариве. Што може еден човек да направи повеќе од цел тим наши, го уверува Јанкуловска.

Потоа се слуша и разговор на Миле со Н.Н. лице, на кое му вели „многу лабав овој вашиот“, на што соговорникот му вели дека „многу луѓе не се внесени во базата и оти има 60 проценти излезеност“. Тука Миле го прекинува и нервозно му вели „нека врти, МВР ако нема луѓе, каде има“ и го завршува разговорот. Од разговорите се слуша дека Миле не застанува тука, и продолжува да притисика за поголема излезност на вработени од „Улици и патишта“ и училишта и градинки.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и досега се преслушани околу 830 аудио снимки од над 1.000 предложени од СЈО.

Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски и Мартин Протуѓер, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Поврзани новости