Екс министерот Миле Јанакиески од саботата одбива да ја јаде затворската храна, порачувајќи и на управата дека штрајкува со глад, но од друга страна тој сепак примал пакети со храна, испратени од дома.
Од Управата на затворот велат дека Јанакиески ги известил во саботата за својата одлука, а тие пак според надлежноста, го информирале судот.
Адвокатот Еленко Миланов вчера појасни дека Јанакиески е револтиран поради одредениот притвор.
-Прекршен е законот, односно на сила се две решенија за притвор, едното за куќен притвор одреден за случајот „27 април“ и сега за новиот предмет, за кој доби притвор. Тоа е недозволено. За потешка квалификација, за „27 април“ доби куќен притвор, а сега притвор, со истите образложенија дека можел да избега или да влијае врз сведоци, вели адвокатот Миланов, додавајќи дека куќниот притвор се пкажал како ефективен и не требало да се менува за притвор.
Заедно со Јанакиески во истражниот затвор се уште седумина осомничени за предметот со продажба на државно земјиште, која истрага обвинителството ја отвори во петокот.