Поранешните најблиски соработници на екс премиерот, Никола Груевски, денеска добија затворски казни казни за случајот „Титаник“, и покрај тоа што претходно признаа вина.
Поточно, Гордана Јанкулоска денеска беше осудена на казна затвор од 2 години и шест месеци, Миле Јанакиески на ефективна казна затвор од 4 години и 6 месеци, а Мунир Пепиќ и Коста Митровски добија по 3 години затвор.
Мартин Протуѓер пак е осуден на условна казна од две години, а истата казна ја добија и Билјана Бришкоска Бошковски , Киро Тодоровски и Катерина Веловска.
Судењето пак продолжува за останатите, во фаза на доказна постапка.
Во случајот обвинети се вкупно 21 лице меѓу кои се: поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се гонат за повеќе дела, како злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и уништување изборен материјал, поточно „Титаник“ се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година.
Со оглед дека Јанакиески и Протуѓер не признаа вина за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, за нив судскиот процес „Титаник“ ќе продолжи само за ова дело.
Како првообвинет во овој предмет постапката ќе продолжи и за поранешниот премиер Никола Груевски кому му се суди во отсуство откако избега во Будимпешта. Тој е обвинет за: злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право.
На обвинителна клупа ќе остане и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, експратеникот Илија Димовски, бившиот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко и уште девет други лица.