Специјалното јавно обвинителство одлучило да побара притвор за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески врз основа на службена белешка изготвена од страна на Министерството за внатрешни работи, кое дошло до сознание дека обвинетиот „презема дејствија и активности кои што имаат карактер за организирање бегство“, се наведува во решението со кое Кривичниот совет во скопскиот суд го уважува барањето на СЈО за притвор на Јанакиески.
„Видно од содржината на службената белешка, преку посредник била остварена средба со Претседателот на РМ со цел да издејствува амнестија за сите лица против кои се водат судски процеси од страна на СЈО. За време на средбата, посредникот го замолил претседателот да ги амнестира сите лица од најголемата македонска опозициска партија за кои се води судски процес, меѓу кои обвинетиот Јанакиески, кој бил иницијатор на средбата. Меѓутоа, предлогот од страна на претседателот бил категорично одбиен при што на посредникот му истакнал дека нема намера да се вмешува во одлуките на судот, односно да ги амнестира. По завршување на средбата, посредникот се упатил на средба со обвинетиот за да го пренесе ставот на претседателот. Од страна на изворот било посочено дека обвинетиот сметал оти амнестијата е последна шанса да се спасат од кривична одговорност и одлежување на затворските казни. Обвинетиот поседува банкарски сметаки надвор од Македонија, со што би било олеснето неговото бегство надвор од државата, за што навел дека ќе го стори тоа доколку не му биде дадена амнестија“, стои во решението до кое дојде Фокус.
Воедно, во решението се наведува дека фактот што на обвинетиот Јанакиески му е пренесена информацијата дека кај претседателот нема расположение за амнестија, која тој ја сметал за последна шанса за избегнување на затворска казна, за Советот претставува доволно уверување дека ќе започне со организација на бегство, дотолку повеќе друг обвинет – експремиерот Никола Груевски, веќе побегна од правдата.