Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и по осум години од рушењето на станбено-деловниот Комплекс во сопственост на бизнисменот, Фијат Цаноски тврди дека тој објект е дивоградба и бара како сведок да го испраша токму бизнисменот за кого тврди дека имал интензивна комуникација со тогашниот премиер Никола Груевски, кој е првообвинет во овој случај, но е во бегство во Будимпешта и алудираше на тоа дека всушност поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот вицепремиер, Муса Џафери му ветувале дека нема да му го рушат објектот.
Но освен Цаноски, Јанакиески порача дека во дополнителна доказна постапка сака да ја повика да сведочи и поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и отвори сомнеж дека Ардијан Амзоски, кој заедно со Цаноски е оштетен во ТНТ, а се појави и како оштетен во случајот „Рекет 2“, дека на осмничениот Бојан Јовановски – Боки 13 му дал не 250.000 туку 750.000 евра за да не стане обвинет во СЈО.
-Како е можно фирма која лани имала вкупен приход од 12 милиони денари, во јануари да исплати на Бојан Јовановски 15 милиони денари (околу 250.000 евра)…? Како Катица Јанева со една реченица повлекува обвинителен акт прифатен од судот? Што е тоа, ако не е од лукративни причини?”, праша Јанакиески. Тој не спомна име и фирма но јасно беше на кого мислеше.
Јанакиески сведочеше неколку часа, а најголемо внимание предизвика одговарајќи на прашањето за тоа какви релации имал со семејството Цаноски. Јанакиески рече дека бил близок со Сафер Цаноски кој дури му бил и на свадба. Тој генерално за бизнисмените рече дека дека гледаат да бидат на страната на партијата на власт и за Цаноски посочи дека порано биле поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, а откако им зашкрипиле односите сега се блиски со СДСМ.
Јанакиески рече дека направил детален увид во предметот и посочи дека има детален листинг од комуникацијата на Фијат Цаноски во периодот од април 2010 до август 2011.
-Многу е чудно, во тој период господинот Фијат Цаноски има интензивна комуникација со Никола Груевски. Пример, во еден ден од листинзите има 8 СМС пораки, а СЈО има презентирано две. Или во клучните денови во листинзите има еден разговор, а го нема во доказите. Добро е господинот Фијат Цаноски да ни ја каже вистината зошто имам многу сознанија, не сакам да шпекулирам. Што бил мотивот и кој му дал налог да продолжи да гради спротивно? Дали имал ветување дека тоа ќе се реши? На крај на денот да си признае дека некој му рекол гради диво јас ќе ти го легализирам објектот. По четири години Миле е омилен лик на СЈО, ОЈО, Финансиската полиција… Магарето замина, сега се удира на самарот, рече Јанакиески.
Судењето за случајот е во завршница, но неизвесно е дали до Нова година ќе има пресуда или судењето ќе почне од почеток.