Јана, Тамара, Маја и нејзиното бебе, Агуш, Јилдиз, Булент, С.С од Тетово, Дона, Боро, Ирена…

by fokus

Имињата на овие жртви на здравствениот систем не треба да се заборават. Треба да се паметат подобро отколку имињата на сегашните и поранешни функционери кои доминираат во општествената сфера.

Токму тие, а и многу други, го понеле со себе и нашето страдање, нивниот живот морал да згасне или сериозно да се влоши за некој нестручен и непрофесионален кадар од медицинскиот персонал да биде барем привремено отстранет. На нив се згрешило, за на следниот да знаат како.

Секој од нас бил во слична ситуација. Или на своја кожа или преку свој близок ги осетил фаталните удари од македонското здравство, водени од негрижа, неодговорност, непознавање, нестручност.

Во тие клиники е вистинска реткост да се најде добар доктор кој е искрено заинтерсиран да помогне. Уште поретко е да се најде болнички персонал кој нема да те третира во стилот “што мајка бараш сега ти тука'”.

Хиерархијата на тоа место е нагризана, никој не знае што прави, а хипократовата заклетва одамна е хипокризија во давањето збор дека ќе им се служи на болните.

Попрво ќе си ги прикриваат грешките едни на други, отколку да помогнат вистината за оштетените пациенти да излезе на виделина.

Болните се најлошо третирани во оваа земја. Ако не можеш да си дозволиш да те „одерат“ на приватно, тогаш ќе мора да трпиш да те дотепаат. Јавното здравство е руинирано.

Кога последен пат сте отишле таму без да свртите телефон за да Ве примат преку ред? И додека луѓето од внатрешноста чекаат по цели денови, привилегираните влегуваат и излегуваат од ординациите со самозадоволни лица, горди што успеале да се дочепаат до здравствената услуга што им треба.

Состојбата е мизерна, очајна, бедна, застрашувачка, тој необразиван, нечовечен, несовесен персонал, приман со врски, сите нас не кошта животи на прекрасни, невини, млади луѓе кои единствената грешка што ја направиле е што на нив им го довериле здравјето.

И да не ги заборавиме Никола Тодоров, Арбен Таравари, Венко Филипче и многу други месии кои ветува дека ќе не поведат во оазата на здравјето, за да на лице место се увериме дека нѐ чекаат лебарки, стар испокршен инвентар, немање термини, недостиг на реагенси, на медицинска опрема, на лекови, лекари, анестезиолози и.т.н.

Помпезно нѝ се најавуваат нови згради, реформи, клинички центри. Не фала, само луѓето повеќе не ни ги убивајте.

Но и во оваа калакурница има поединци благодарение на кои системот опстојува, чие знаење е бесценето, чие делување е лековито. По нивна заслуга медицината во земјава останува благородна професија.

Јана Христовска – живот кој згасна на шестгодишна возраст во битолската болница откако примила инфузија, ја приклучиле на инфузија иако била хипергликемична што е спротивно на упатството на производителот

Тамара Димовска – почина во февруари 2015 година додека чекаше датум за операција во Турција поради вродена маана на рбетниот столб, претходно два пати беше одбивана од Фондот за здравство

Маја Кадиева – во октомври 2015 таа и нејзиното штотуку родено бебе починаа во гевгелиската болница при пораѓање со царски рез поради недостаток на кислород, Маја била погрешно интубирана од страна на анестезиолозите, двајцата анестезиолози биле пијани

Агуш С. – седумгодишно момче кое во 2008 година остана без раката откако по скршеница му била погрешно имобилизирана, поради гангрена морале да му ја исечат во Скопје

Јилдиз Веапоска – родилка која при породување со царски рез во август 2020 година остана без јајник, матка и бубрег, Лекарска комисија не утврди пропуст кај лекарот кој ја породил

Булент Ибрахим – 38-годишник што почина од сепса по операција на хемороиди во 2019 година, обвинителство ја отфрли кривичната пријава на семејството бидејќи поради неизвршена обдукција не можело да се утврди дали има причинско последична врска меѓу смртта и операцијата

С.С. од Тетово – тетовчанка на која и ги отстраниле градите откако и дијагностицирале рак, испитувањата подоцна покажале дека немала рак, туку мастит

Дона Неделковска – добила некроза на матката и акутен абдомен по породување со царски рез во тетовската болница, животот и бил спасен на скопските клиники каде била пренесена

Боро Стаиќ – поради непреземање медицински мерка при фрактура на вратните пршлени дошло до трајна повреда на рбетниот мозок поради што останува целосно парализиран на 18 години

Ирена Костовска – почина во април 2021 откако и е отстранет миом на матка, семејството тврди дека при шиење на матката на 4 места е продупчено и сошиено тенкото црево што довело до контаминација на организмот со фекалии и труење.

Параскева

Поврзани новости