Лидерот на ГРОМ Стевче Јакимовски смета дека пред да се оди на избори мора да се прочисти избирачкиот список. Тој потсетува дека пред да се одржат парламентарните избори во 2016 година, тие двапати беа одложувани поради барањето на СДСМ за прочистување на избирачкиот список.
„Колку млади до 18 години се стекнаа со право на глас во овие 60 дена, колку починаа и колку смениле адреса дури и во вакви услови? Затоа избирачкиот список мора да се прочисти и повторно да се стави на увид на партиите и граѓаните и дури потоа по тие рокови и процедури може да се оди на избори“, напиша Јакимовски на фејсбук.
Тој наведува уште неколку причини против брзи избори, меѓу кои е краткиот период за кампања.
„На 16 мај ќе ја укинеме вонредната состојба и за само 8 дена треба да започне изборната кампања. Дали ако беше обратна состојбата СДСМ опозиција, а ние власт, тие ќе се сложеа веднаш по вонредната состојба да се тргне во избори?“, прашува Јакимовски.
Лидерот на ГРОМ истакнува дека СДСМ стравува оти на есен ќе изгуби со поголем резултат поради далеку потешката економската состојба во споредба со сега.