Градоначалникот на Општина Карпош и кандидат за претседател, Стевчо Јакимовски поднесе кривична пријава против непознат сторител, откако се најде на црната листа на САД поради вмешаност во значителна корупција.
На Јакимовски и на неговото семејство им е забранет влезот во САД. Тој вчера обвини за директоно мешање во трката за претседател и порача дека најсовесно си ја извршува функцијата градоначалник.
Според Јакимовски, неговото име е на црната листа на САД поради луѓе кои се продолжени раце на странските разузнавачки служби со цел да му нанесат штета.
„Луѓе кои што се поврзани со странски служби и кои што во континуитет создаваат предуслови за да може да се повикаат на ваква работа дека не реагираат македонските правосудни органи. Ние овие 7, 8 месеци бевме засипани со кривични пријави и да се чудиш кои глупости внатре ги трескаат. Што да им прави обвинителството кога поднесуваат и пишуваат глупости“, рече Јакимовски.
Тој не кажа кои се соработниците на странските служби, само рече дека за тоа било информирано обвинителството и дека неговите политички противници имаат корист од оцрнување на неговото име.
„Интерес имаат политичките противници и на оние што не им одговара Македонија да има политичари кои мислат со своја глава и оние кои што сметаат дека ние треба да има политичари кои без приговори ќе ги прифатат сите нивните одлуки“ рече Јакимовски.