Градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски вечерва во емисијата Само интервју на Канал5 рече дека воопшто не го погодило тоа што министерот Бујар Османи не го поканил на ифтар.
„ А зошто да ме погоди тоа што Бујар Османи не ме кани на ифтарска вечера? Има чесни и има нечесни луѓе, така што сме одвоени едни од други. Веројатно јас и противкандидатката Билјана Ванковска спаѓаме во чесните луѓе. А што може да се очекува од Османи, освен да продолжи да слугува. Тој и неговите другари имаа шанса од оваа држава да направат убавина. Вели ќе води европска политика, а кој му бранеше и досега да направат европска Македонија?“ рече Јакимовски.
Тој додаде дека воопшто не знаел дека ќе се најде на црната листа на САД, нагласи дека ништо не е точно, дека тоа се обични паушални размислувања на овдешни кодоши што ги плаќаат.
„Јас сум играч кој што знае да игра под притисок, нека види јавноста како нивниот иден претседател е подготвен да одговори на притисоци. Им ветувам на граѓаните дека Македонија ќе ми биде на прво место. Ние имаме контра барање, ќе влеземе во коалиција со тој што нема да бара да се промени уставот“ рече Јакимовски.
Тој истакна дека кога тој би бил преседател најостро би се спротивставил друга држава да прави свои листи на неподобни луѓе, а како што нагласи, уште повеќе би се спротивставил на инкорпорирањето на таквите листи во домашното законодавство.
Рече дека ќе води коректна кампања, нема да води војна со противкандидатите, а ако има напади подготвен е да одговори.