Јакимовски не ја менува страната: Ги издржавме и најтешките притисоци

ГРОМ е самостојна партија и ќе работи согласно интересите на граѓаните и членството, вели за Фокус Стевчо Јакимовски, во однос на информациите дека се нарушени односите меѓу ГРОМ и водечката партија во коалицијата - ВМРО-ДПМНЕ.

by Фокус

Јас и ГРОМ не нарушуваме коалициски односи, напротив, многу сме вложиле во оваа коалиција, особено јас и целата партија – вака лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски ги коментира информациите дека се нарушени односите меѓу него и ГРОМ, од една страна, и водечкиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, поради што размислувал и да ја напушти коалицијата.

ГРОМ е самостојна партија и ќе работи согласно интересите на граѓаните и своето членство. Во партијата, одлуките ги носат колективни органи и сите ние, вклучувајќи ме и мене, сме должни да ги следиме – вели Јакимовски за Фокус, истакнувајќи дека ГРОМ не ја напуштил коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за време на, како што вели, и најтешките притисоци.

Според неофицијални информации, односите меѓу Јакимовски и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски се нарушиле откако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не застане зад него во трката за градоначалник на Карпош. Согласно концептот за кандидатура на „нови лица“, ВМРО-ДПМНЕ во Карпош одлучи да истрча со Оливер Зафировски, кој не успеа да влезе ниту во вториот круг,

На крајот, Јакимовски успеа да стане градоначалник, но наиде на проблеми при функционирање на шареноликиот општински Совет, каде застапени се СДСМ, ВМРО, ГРОМ, Левица и „Зелените“. Иако првично ГРОМ и ВМРО успеаа да договорат мнозинство со Левица, од каде беше избран и претседателот на Советот, сепак, оваа коалиција не функционира секогаш добро, особено кога треба да се гласаат урбанистички планови.

Таков беше случајот со ДУП-от кој треба да му овозможи на „Пуцко Петрол“ да изгради бензиска на плацот што го купи во близина на салата Борис Трајковски, во однос на што се спротивставија Левица и „Зелените“. Сепак, планот успеа да помине со помош на ВМРО и СДСМ. Моментално, пак, течат процедури за усвојување на повеќе ДУП-ови на разни локации.

Оттука, дел од информациите говорат дека Јакимовски бил отворен за поблиска соработка со СДСМ, со цел стабилизација на работата на Советот, каде социјалдемократите имаат најмногу советници. Меѓутоа, велат партиски извори, за оддалечување од ВМРО-ДПМНЕ и за приближување кон СДСМ бил против единствениот пратеник на ГРОМ Љупчо Пренџов.

Иако во последно време може да се забележи дека се намалени тензиите меѓу Јакимовски и неговата поранешна партија СДСМ, па дури тој можеше да се види на јавни настани заедно со првите луѓе на партијата и на Владата, сепак, тој негира дека овие сигнали значат промена на курсот на партијата и на нејзината позиција во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

В.С.

Поврзани новости