Јакимовски: Ќе им дадеме понуда на граѓаните, да имаат избор

by Fokus

„Моите политики се исправни и се во интерес на сите граѓани без оглед на вера, нација и материјална состојба и го опфаќаат секој човек. Одлучив да се кандидирам за претседател на Република Македонија како круна на моето 37-годишно активно бавење со политика. За разлика од други политичари сметам дека ми е предност што сум бил политичар и во социјалистичкото општество зашто знам како изгледа како изгледа уредена и сериозна држава“.

Ова денеска го порача Стевчо Јакимовски на конвенцијата на коалицијата „Храбро за Македонија“, предводена од ГРОМ, ПЦЕР и ИНТЕГРА на која официјално беше промовиран за претседателски кандидат на претстојните претседателски избори.

„Зад некои кандидати стојат големи партии ама за жал знаењата им се мали, за разлика од нив нашите партии се мали, но знаењето ни е големо. Ќе им дадеме понуда на граѓаните да имаат избор, зашто изборот помеѓу помалото и поголемото зло не е избор“ рече Јакимовски.

Тој нагласи дека претседателот на државата ни случајно нема да биде протоколарна функција зашто, како што кажа, ќе биде соочен со големи притисоци, со промени на чудни закони и на Уставот и притисок да се откажеме од идентитетските прашања.

„Граѓаните веќе можеа да ме тестираат дали подлегнувам на уцени и закани. Можеа да видат дека ни Америка ни свети Америка, кога е во прашање Република Македонија, нема да ме натераат ни милиметар да отстапам и дека се што имам да ѝ кажам ќе ѝ кажам зашто чесно и поштено си ја вршам својата функција“ – рече Јакимовски.

Тој порача „нема да дозволам, додаде, ниту еден граѓанин на Република Македонија да биде малтретиран и ќе сторам се да ги заштитиме граѓаните од надворешните влијанија и непринципиелните напади и разни црни листи“.

„Во надворешната политика ќе ги јакнеме нашите позиции во НАТО структурите и ќе ги исполнуваме условите за влез во Европската Унија, но со јасно инсистирање за поголем респект кон нашата држава и јасно ставање до знаење на ЕУ и стратешкиот партнер дека за идентитетот и јазикот нема со никого да преговараме, а за влезот во ЕУ не сме подготвени да чекаме бесконечно“ заклучи Јакимовски.

Поврзани новости