Како иден претседател на Република Македонија ќе предложам реформи токму во четвртата власт, во локалната самоуправа заради поголема функционалност на локалната самоуправа имајќи во предвид дека локалната власт е најблиску до граѓаните и е најнепосреден сервис на граѓаните на било кој дел од Република Македонија, изјави кандидатот за претседател Стефчо Јакимовски.
„Нам ни се потребни измени во Локалната самоуправа и во делот на функционирање на Град Скопје. Нов Закон за Град Скопје, нов Закон за локална самоуправа со кој што ќе се зголемат ингеренциите во делот на комуналните инспектори.
Значи ние мораме да имаме комунални инспектори коишто ќе можат да легитимираат да казнуваат, да физички неутрализираат затоа што вака на ваков начин функционирање на комунална инспекција при што легитимирањето треба да го врши полицијата е апсолутно нефункционално.
Понатаму мораме да направиме промени и во Законот за домување, имаме Закон кој што е апсолутно нефункционален и во кој што немаме никакви ингренции, а имаме граѓани коишто во станови чуваат по 20-30-40 мачки, кучиња и постојано се жалат граѓаните.
Имаме граѓани кои не сакаат да ги плаќаат заедничките сметки, имаме граѓани кои што ги загрозуваат и виталните интереси на граѓаните во колективните згради со тоа што се загрозува безбедноста, згради каде протекуваат, згради кадешто имаме запушување на канализации итн.
Значи се на се нам ни е потребен еден нов Закон за локална самоуправа како и поделба на јавните градски претпријатија во Скопје по општините за да имаме функционални јавни градски претпријатија затоа што на ваков начин навистина е срамота да не можеме да се справиме со хигиената, навистина е срамота да не можеме да се справиме со одржувањето на зеленилото. И навистина е срамота и натаму да имаме поделени ингеренции кои што граѓани ги доведуваме во недоумица.
Во исто време со новиот Закон за локална самоуправа треба да се предвидат и начини и форми како ќе се разрешуваат конфликните ситуации во советите, опструкциите во советите. Сѐ на сѐ значи ние мораме да направиме една функционална локална самоуправа со зголемени ингеренции и поголема ефикасност со што на крајот ќе имаме подобри услови за граѓаните и по задоволни граѓани.
На крајот ќе ви дадам еден пример. На пример за бучавата кога имаме бучава мерењето на бучавата мора да биде со затворен прозор. Еве јавно прашувам кој талент го пишуваше Законот затоа што бучавата е најголем проблем летно време кога се сите прозори отворени. Толку ли талентиран треба да бидеш за да направиш таков Закон да се мери бучава со затворен
прозор, а јуни, јули, август и некаде до средина на септрември сите прозори ни се отворени. Што значи ни треба комплетна рекомпозиција на Законот за локалната самоуправа. Многу сериозно размислување сѐ со цел подобар сервис на граѓаните на локално ниво и поголемо задоволство на граѓаните од локалната самоуправа.
Една исто така голема работа, МВР мора да се ослободи од сите ингеренции кои не му се нему изворни ингеренции, дали е дозволиво двајца сообраќајни инженери да одобруваат сообраќајни планови на ниво на цела држава. Дали е тоа пропулзивно? Ние можеме секоја локална самоуправа да си има свои сообраќајни инженери кои тоа ќе го одобруваат, а министерствара нека ја задржат контролната функција, инспекциските органи итн.
Сѐ е тоа во интерес на подобро функционирање на локалната самоуправа, а со тоа значи и подобар сервис на граѓаните. И јас сметам дека претседателот на државата е тој што треба да покрене една ваква сеопшта расправа која што ќе трае подолго време ќе се нотираат сите проблеми во локалната самоуправа се со цел да имаме поефикасна четврта власт во Република Македонија – истакна Јакимовски.