Во пресрет на празниците туристичките агенции од земјава се во трка да привлечат што е можно повеќе клиенти со многубројните понуди за дочекот на Новата година. Како една од најчестите новогодишни дестинации на нашинците, и оваа година помеѓу понудите се најде Будимпешта.
Со автобуски превоз, три ноќевања со појадок и свечен дочек на Новата година, цената на аранжманот за едно лице изнесува околу 10.000 денари. Во Белград пак, она што најчесто го нудат нашите агенции се две ноќевања со појадок и патување со автобус, дочек на Новата година на плоштад каде ќе настапува Саша Ковачевиќ, по цена од околу 5.500 денари по лице. Две ноќевања во Истанбул, Турција, исто со автобуски превоз и дочек на Новата година на брод, со крстарење по Босфор, се нудат по цена од околу 6.500 денари.
Аранжманите за Прага се движат околу 11.000 денари со дочек на плоштад, за Лутраки, Грција, се нудат по цена од 6.000 денари со дочек во ресторанот „Калфагас”, познат и како „Кај газда Митре”, со печено јагне под вршник, во Виена со дочек на плоштад изнесува околу 9.000 денари по лице, Атина околу 6.500 денари, Сараево со дочек на плоштад околу 7.800 денари, Софија со дочек на плоштад околу 4.600 денари.
Не изостануваат и понудите од Банско, Бугарија, а како еден од најпосетените хотели од нашите граѓани и годинава е луксузниот „Лаки”. Од агенциите потврдуваат дека Бугарија секоја година е омилена дестинација на граѓаните и многу од аранжманите за Банско веќе биле распродадени. Исто така, и за останатите дестинации владеел голем интерес, што е показател дека нашиот народ сака добро да се забавува за Новата година и да го одврзи ќесето.
За дочекот на Новата година во „Лаки”, за апартман за две лица, за две ноќи, цената изнесува околу 800 евра, со вклучен појадок, ручек и вечера, а пак за дочекот се најавува голема забава за гостите со популарниот бугарски пејач Милко Калајџиев, со танчерки, фолклорни ансамбли и богато мени.
За оние кои нема да заминат надвор од земјава за празниците, голем број на ресторани веќе ја објавија новогодишната понуда. Со жива музика, најчесто со фолк пејачи и домашни бендови, цените во повеќето ресторани се движат од околу 2.000 денари по лице, па нагоре.
На плоштадот во Скопје е најавен концертот на босанската музичка ѕвезда Дино Мерлин, додека пак останатите општини се уште молчат на темава и официјално немаат соопштено детали од организиран дочек на плоштадите.
Вики Клинчарова