Јагленот во Кичевскиот регион е потрошен, потребна е праведна транзиција

by Fokus

Младиот грнчар Мартин Митрешкоски од Вранештица, изработувачите на рачен накит Ангела Мојсоска и Благојче Секулоски, уметникот Тео Герасимоски, Зоран Илиески изработувач на дела од старо железо и останати уметници успешно се претставија на првото „Кичево одржливо експо“ во организација на Здружението Еко-свест автентично во кафулето Винтиџ, Кичево.

– Среќни сме што опстојуваме како грнчарска фамилија со традиција од 80 години која произведува еко продукти, на природен начин. За да изработиме еден продукт, на пример грне, потребни ни се околу 3 неделни. Најчесто нашите продукти ги бараат туристите како сувенири, така што побарувачка имаме од Охрид и од странство, вели младиот грнчар Мартин Митрешкоски од кичевското село Вранештица.

Хоуп кој на македонски значи Надеж е брендот зад кој стои креаторката Ангела Мојсоска.

– Дизајнирам облека од органски памук со гот сертификат, што подразбира фер тргување од почеток до крај и накит од природни материјали, дрво и целулоза помешано со глина и свеќи од органски соја восок. Не само во Кичево, туку во целата држава треба да се говори за овие производи, за искористувањето на природните ресурси за нивно креирање и нивната вредност доколку сакаме ублажување на климатски промени, Ангела Мојсоска, дизајнерка и вљубеничка во уметноста.

– Интересно е тоа што периодов многу млади креативни луѓе се обидуваат да имаат одржливи бизниси и тоа ме радува, така што се надевам дека како креативец накитот кој рачно го изработувам ќе биде препознаен од вљубениците на модата, вели кичевчанецот Благојче Секулоски.

– Изработувам слики и статуи – керамика, користам еколошки материјали за да може моите дела бидат изработени на пример од веќе употребени хартии се со цел да покажам дека ние уметниците знаеме да се грижиме за животната средина, младиот уметник, Тео Герасимоски.

Здружението Еко-свест со одржливите бизниси дискутираа за Кичево да стане паметен град отпорен на климатските промени преку развој на алтернативни зелени економски гранки.

– „Кичево одржлив експо“ е збир на алтернативни економски гранки со огромен потенцијал да ја носат економијата и да ја обноват во овој регион. Економските гранки имаат потенцијал да се развиваат во иднина и да вработуваат луѓе во Кичевскиот регион кој е интензивно зависен од јаглен а тој е веќе потрошен и регион кој ќе мора да се соочи со алтернативен развој. Доколку процесот на праведна транзиција започне од централно кон локално ниво тоа ќе биде погрешно и нема да заврши успешно. Чекор еден е да ги слушаме локалните заедници, чекор два е обезбедување простор за дискусија и потребни финансии кои би ги поддржале промените на локално ниво. И чекор три е напуштање на јагленот како енергенс во државата, истакна, Елена Николовска, програмска координаторка во Еко-свест.

Советникот Стојаноски во Општина Кичево испрати директна порака до сите за успешна праведна транзиција во Кичево.

– Според европските регулативи крајниот рок за затворање на ТЕЦ „Осломеј“ е 2030 година. Дел од вработените со отворањето на фотонапонските централи ќе најдат вработување, за останатите вработени потребна е директна соработка со Здруженијата како и со централната и локална власт и бизнис секторот, да се изнајде соодветно решение за трансформација што ќе придонесе сите граѓани да се чувствуваат безбедно за својата иднина преку соодветни работни места, за да нема иселување од нашиот град, нагласи Игор Стојаноски.

Здружението Еко-свест пред присутните ја потенцираше потребата за енергетски ефикасни домови, граѓанска енергија, чист транспорт, намалување на отпадот кој го создаваме и целосен премин кон циркуларна економија.

 

Поврзани новости