Јадранка Костова ја доби наградата за животно дело на ЗНМ

by fokus

Долгогодшната уредничка на „Фокус“, Јадранка Костова, е добитничка на наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, која ја доделува Здружението на новинари на Македонија.

Костова во текот на целата кариера се води од премисата дека критиката треба да биде насочена кон власта, односно кон оние кои ја поседуваат моќта, а власта ги расипува.

Заедно со Никола Младенов, ја водат битката за зачувување на неделникот „Фокус“ во време кога тогашната власт преку судски процеси со големи парични казни сака да го згасне критичкиот дух на медиумот. По смртта на Младенов, токму по иницијатива на Костова се рестартира неделникот „Фокус“.

Костова и после сите притисоци и фингирани судски процеси (и лустрации) одлучува да застане на чело на неделникот како главна уредничка и да ја продолжи мисијата на Младенов: „Фокус“ да биде контролор и критичар на секоја власт“.

Меѓу многуте трајни белези кои ги остава во македонското новинарство е и серијата документарни емисии насловени како „Незавршен мир“, која претставува хронологија, новинарска и политичка анализа на воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Според серијалот документарни емисии, Костова ја пишува и книгата која го носи истиот наслов.

Инаку, новинарката Соња Колевска-Делевска, од СДК е овогодишната добитничка на наградата „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија за нејзиниот серијал текстови за случајот со Тони Сали, младо момче, лице без државјанство, кое минатата година почина откако цела деценија водеше битка за да добие матичен број и извод на родени.

Наградата за известување на теми од локално и регионално значење, пак, ја добија новинарките Убавка Јаневска и Даниела Саздова од порталот Дума.мк.

Поврзани новости