Јадранка Дабовиќ Анастасовска доби поддршка за нов уставен судија

by Fokus

Со осум гласа ЗА, без воздржани и против Јадранка Дабовиќ Анастасовска доби поддршка од Комисијата за избори и именувања за нејзин избор за судија на Уставниот суд.

По дводневна дискусија за нејзината кандидатура опозицијата излезе со низа критики дека зад неа стои владејачката СДСМ.

Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека таа е политичко партиска испостава на власта.

„И за овој кандидат провејува она што е на еден начин континуитет на изборот на претходните кандидати а тоа е дека сепак има примеси на политичка позадина со нејзината претходна работа како советник во град Скопје во периодот од 2005 до 2009 година, од редовите на СДСМ. Олицетворениот на овој Уставен суд е дека не ја оправдува својата функција, односно дека се работи за, за жал повторно политичка партиска испостава на власта“, вели Велјановски.

За местото судија во Уставен суд, покрај професорката Јадранка Дабовиќ Анастасовска која беше предлог на СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ беа предложени и професорите Родна Живковска, Саво Климовски, како и долгогодишниот судија и обвинител Тодор Витларов.

 

Поврзани новости