Премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање да даде коментар на изјавите на одредени бугарски историчари, дека македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ бил Бугарин, а по повод канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ во Лешочкиот манастир, рече дека историчарите треба да се занимаваат со историјата, а политичарите ќе се занимаваат со политиката. Тој оцени дека на тој начин ќе имаме и добри добрососедски односи и побрз напредок на државата во полноправно членство во ЕУ.
– Јас присуствував на вечерната богослужба по повод канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ и тоа беше еден исклучително свечен свет настан на којшто присуствуваа голем број на граѓани во Лешочкиот манастир. Таму имаше граѓани од повеќе делови на државата, имаше граѓани од различна политичка провиниенција бидејќи бев и јас, меѓутоа и претставници на политички партии, четири владици… И тоа беше чин со којшто ние го негуваме нашето и духовно и културно наследство македонско. Тоа што некој сака да провоцира тоа е негов проблем. Ние точно знаеме што е нашата историја. Ние точно знаеме што е нашата култура. Ние точно знаеме што е нашиот македонски јазик сега веќе признат во целата Европска Унија. Во тоа наскоро ќе се уверат сите граѓани кога ќе го потпишеме договорот Фронтекс со ЕУ и со македонски идентитет веќе преговараме со ЕУ, нагласи Ковачевски.