Ја оставив ЗОО Скопје како разработена машинерија, по една година се вратив и гледам дека нема реализирано ниту еден капитален проект!

by fokus

По една година откако дадов оставка на функцијата директор на ЗОО Скопје, дојдов во зоолошката да им ги честитам празниците на вработените, но и да ги видам животните за кои сите заедно, посветено се грижевме долг период.

Вработените искрено ми се израдуваа, што само сведочи на тоа како ме гледаа додека им бев претпоставен и колку добра однос изградивме, имајќи заедничка цел – добросостојба на животните и атракција за посетителите.

Но, она кое го гледам во зоолошката, за мене тоа се жални слики – за ,,Фокус” раскажува Ѓорги Галетановски, кој лани во декември по доаѓањето на Данела Арсовска на чело на Град Скопје, поднесе оставка од директорската позиција во ЗОО Скопје.

Причината, уште тогаш ја појасни за јавноста, во неколку наврати барал прием кај градоначалничката, но таа не го примила, и сфатил дека нема интерес за соработка, нешто кое е клучно за институцијата да функционира беспрекорно.

-Мојата ненадејна посета ги израдува вработените, но нема ништо од најавените капитални проекти во зоолошката, се е некако застанато во место. Од една институција за која се слушна надалеку, за која се објавуваа приказни во светски медиуми, како позитивен пример, за многу кратко време стагнираше целиот подем.

Оставив зад себе една разработена машинерија, во која по цела една година нема никаков новитет.

Разгледав наоколу, прошетав, забележав дека делумно изгледа чисто, но нема никакви новости за посетителите.

Дино паркот со кој уривавме рекорди на посетеност е во лоша состојба, иако времето беше сончево, немаше посетители.

Она кое исто така е забележително, многу фирми кои не спонзорираа и ни помагаа, не се присутни повеќе.

Со гордост можам да кажам дека од ЗОО Скопје направивме туристичка атракција за странците, но за жал, гледам дека не се продолжи напред со уште позасилено темпо, туку напротив, институцијата губи на популарност – раскажа Галетановски.

Во времето кога тој беше поставен на чело на зоолошката, на почеток многумина гледаа со скептицизам и актуелни беа прашањата дали човек кој е познат како урбан градски лик и менаџер на познати локали, ќе се снајде во улогата на директор на ЗОО. Сепак, за доста кратко време тој успеа да ја стави зоолошката на мапата на препознатливи институции, со многубројните новитети кои ги донесе.

За прв пат од постоењето, ЗОО Скопје се најде во многу познати медиуми како позитивен пример, а забавните и едукативни содржини беа причина плус за да расте бројот на посетители.

Во периодот кога беа донесени слоновите, имаше рекорд на посетеност со дури 13.000 посетители во еден викенд.

-Во убаво сеќавање ми останаа сликите од преполната зоолошка, редиците на посетители, насмеаните детски лица… Оставив добро трасиран пат зад себе, требаше само да се продолжи по него и институцијата да си работи со полна пареа. Не знам зошто тоа не се случи, и разочарувачка ми е помислата зоолошката повторно да ја изгуби популарноста, која ја стекна со многу вложен труд и посветено менаџирање – ни изјави Галетановски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости