Ја однесовме на нозе, ја земавме на смртна постела, со закани од полиција ја „спасив“ од старскиот дом

by Fokus

Заплетот на приказната почнува во домот за стари лица „Феникс фемили“, каде што пред повеќе од една година, поточно на 20 октомври 2021 година е примена пациентката Јелица Оринова, на која како дијагноза претходно ѝ е откриена васкуларна деменција.

Станува збор за болест со која постепено, но прогресивно почнува опаѓањето на мозочните функции.

Според објаснувањето на нејзината ќерка Славица Оринова, која повеќе од три децении живее и работи во Њујорк, нејзината мајка ја сместила во Домот за стари лица, со оглед на тоа што таа морала да патува и надевајќи се дека таму ќе има соодветни услови за живеење и ќе ја добива потребната нега, стручна помош и здравствените услуги.

Нејзината надеж ја темели на тоа што двајцата менаџери на старскиот дом се лекари по професија.

И покрај многу двоумења, донесов таква одлука, мислејќи дека мајка ми ја оставам на стручни лица да ја третираат, како што ми се претставија сопствениците, кои по професија се психијатар и општа лекарка.

 

При самиот прием во домот, ми ветија услови и услуги (физиотерапија, квалитетна исхрана, социјални и когнитивни активности за деменција, прошетки во природа…), за кои однапред платив.

 

Ја сместив во дом, со оглед на нејзината психичка состојба, верувајќи дека Стефановски и нивниот стручен тим, како што самите ми се претставија, ќе ѝ дадат стручна грижа, отколку да ја препуштам на лице што нема допирна точка со деменција – ја почнува својата приказна за „Фокус“, ќерката на сега веќе починатата пациентка.

За целосниот месечен третман во Старскиот дом била платена сума од 33.000 денари, а за да не биде сама, на 82-годишната баба, друштво ѝ правел и нејзиниот сопруг, со цел да има на кој да се потпре во собата во која биле сместени.

Психијатарот требаше секојдневно да ја регулира терапијата на мајка ми. Мислев подобро во дом, во своја соба со сите привилегии, под надзор на психијатар и во присуство на медицински сестри и негуватели, отколку во психијатриска болница, каде што собите се многукреветни и опасноста од корона е поголема, негата не е на некое ниво.

 

Но, ме измамија. Ја сместив таму верувајќи му на Благоја дека ќе ѝ ја смени терапијата под негов психијатриски надзор – продолжува својата трагична судбина да ја раскажува ќерката.

Тогаш почнува голготата на Оринова, која од тој момент во следните 12 дена, колку што седи во старскиот дом, не излегува од својата соба.

Нејзината ќерка, како што сведочи за „Фокус“, прво што прашала кога преговарала со менаџментот на домот е дали имаат пациенти заразени со корона, а тоа го сторила неколкупати и пред и по потпишувањето на договорот.

Мајка ми уште првиот ден беше заразена со корона и кога симптомите станаа очигледни, не ми даваа да ја видам. Три дена не ја изнесуваа надвор со изговор дека била поспана од новата терапија. Ниту мене не ми дозволуваа да влезам внатре дека наводно била сезона на настинки и грип, па поради тоа ја чуваат затворена внатре.

Исто така, многу од другите корисници беа во изолација и кога повторно прашав дали има корона, повторно негираа – потресено раскажува ќерката, која додава дека и откако четвртиот ден не ѝ дозволиле да ја види мајка си, влегла со закани дека ќе ги пријави во полиција.

По долги консултации на вработениот со управителот, таа конечно стигнала до собата на својата мајка, која ја немала видено со денови.

– Ја затекнав во критична неконтактибилна состојба, веќе паѓаше во кома предозирана со лекови и инфицирана со корона, со масивна пневмонија. Едвај дишеше и не можеше да зборува, како и што потврдија во болница.

 

Не ѝ била укажана соодветна медицинска помош, а ниту, пак, мене ме информираа дека е болна, иако се јавував по неколку пати на ден. Доаѓав и секогаш ме лажеа дека е добро. Тие знаеја дека е болна од корона, ама за да не им се затвори домот, криеја од луѓето – вели Оринова.

Одоговорот од старскиот дом „Феникс Фемили“ ќе биде објавен во наредниот број на неделникот „Фокус“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена Мулачка

Поврзани новости