,,Комора на музичка индустрија” во соработка со Град Скопје порачаа дека организираниот новогодишен дочек на плоштад Македонија во Скопје поминал во одлична атмосфера, а посетителите биле насмеани и среќни.
Како што истакуваат од организацијата, во Скопје продолжуваат активностите кои се дел од празничната програма, а ги откриваат и спонзорите кои придонеле во центарот на Скопје да се одвива празничната бајка – Дајмонд Мол, Телеком, А1, Тинекс и Пелистерка.
-Скопје ја доживеа најубавата новогодишна приказна. Во текот на целиот ден на Плоштад Македонија владееше новогодишна еуфорија и со многу музика, танцување, аплаузи и насмевки, посетителите ја испратија 2023 година и ја дочекаа 2024.
Забавата започна со неверојатна енергија со настапот на Тин Камп, потоа публиката уживаше во музиката на Лејдис Оркестра, а членовите од бендот Пауза за ракија ја вжештија атмосферата. Публиката пееше во еден глас со Тринити Стрингс, Слаткар, Дарио, а Мерак Меана со Сузана Гавазова, Влатко Миладиновски, Стојне Николова, Блага Петреска и Душко Георгиевски направија вистински, новогодишен спектакл.
Лила Филиповска и Димитар Атанасовски одбројуваа заедно со публиката и први им ја честитаа Новата година. Во 00:00 градот убав ја дочека 2024-та година со насмеани и среќни посетители- велат од организацијата на настанот.
Додаваат дека на плоштад следуваат настапи на голем број на домашни музичари во наредните денови.
-Забавата продолжува и понатаму и во текот на празничниот базар свои настапи ќе имаат Два Бона, Лозано, Нино Величковски, Полина Тасева, Група Мјузаик, Теа Трајковска, Дупер, Антониа Гиговска, ДНК, Анета Љумаковска, Ламбе Алабаковски, Миле Кузмановски, Sarah Mace & The Christmas Girls, Аманет, Фиц D’invisibles, Некст Тајм.
,,Комора на музичка индустрија” во соработка со Град Скопје, со спонзорство на Дајмонд Мол, Телеком, А1, Тинекс и Пелистерка подготвија празнична бајка во центарот на Скопје.
Вики Клинчарова