Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва едногласно го поддржале лидерот на партијата Христијан Мицкоски да ги води разговорите и да ги даде предлозите во однос на кандидатите на партијата за идни министри, односно заменици или дополнителни министри во техничката влада.
Ова денеска го изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев по седниците на највисоките партиски тела, нагласувајќи дека целта на оние кои од опозицијата ќе влезат во техничката влада ќе биде да се погрижат за фер, демократски и целосно транспарентни избори кои што ќе се одржат на 12 април.
Истакна дека имаат кандидат за министер за внатрешни работи, но не сакаше да кажува имиња.
-Секако дека имаме и не само за министри за внатрешни работи, но сепак да почекаме, еве лидерската средба е закажан за неполн ден од денеска, така што уште еднаш би почекале да се одвиваат сите овие разговори и преговори во следните неколку денови и секако дека ќе имате можност да разберете за кого станува збор, рече Јанушев.
Во врска со споменувањето на имињата на Андоновски и Георгиевски за министерската позиција во МВР, Јанушев истакна дека не сака да ги подига шпекулациитево однос на ниту едно од имињата.
Мицкоски е едногласно поддржан од највисоките партиски тела да биде кандидат за мандатар по завршување на изборите на 12 април на коишто ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Јанушев „ќе извојува убедлива победа“.
Едногласно е усвоен и годишниот извештај за работа на претседателот Мицкоски, а на негов предлог од неговиот кабинет е разрешен соработникот Томислав Димитровски, којшто, како што посочи Јанушев „е познат во јавноста по еден немил настан којшто се случи во изминатиот период“.