Шест лица кривично се гонат за манипулации со земјоделски субвенции и негрижа кон животни, информираа од МВР.
Против тројца од нив се поднесени кривични пријави за “злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 5 (а вв став 1 и 3 од член 22 и член 45 од Кривичниот законик на Р.Македонија), додека, пак, четвртопријавениот, петопријавениот, шестопријавениот сториле кривични дела – “мачење животни“ по член 233 став 1 и 2 и – “предизвикување општа опасност“, по член 288 став 1 в.в. член 22 и член 45 од Кривичниот законик на Р.Македонија.
Според документираните сознанија од истрагата, З.И. во својство на службено лице, ветеринар во Агенцијата за храна и ветеринарство при РМ, подрачна единица – Крива Паланка, постапувајќи по претставка од граѓанин и Барање од месно население, во периодот од 2015 до 2017 година со искористување на својата службена положба и со неизвршување на својата службена должност противправно прибавил корист за физичките лица, иматели на одгледувалишта за крупен добиток – Г.Ѓ, С.Ѓ и А.Ѓ во вкупен износ од 4.253.668 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РМ.
Имено З.И., иако знаел дека трите одгледувалишта за крупен добиток (говеда) не ги исполнувале условите, согласно Законите за заштита и благосостојба на животните, за ветеринарно здравство и за безбедност на храната, сепак непревземал мерки за отстранување на недостатоците. Во одредени случаи кога вршел инспекциски надзор издавал записник и решенија за отстранување на неправилностите, но потоа не ја проверувал фактичата состојба на лице место, односно дали воопшто е постапено по решенијата издадени од него, ја запирал постапката на изјава, а во одредени случаи воопшто не издавал решенија со наложени мерки.
Второпријавениот С.М., во својство на контролор во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој – Скопје, и покрај тоа што констатирал недостатоци, не донел Решение со констатирани недостатоци и на тој начин му овозможил на Г.Ѓ да се стекне со противправна имотна корист од 190.400 денари, а по претходно поднесено Барање за директни плаќања од програмата за финансиска подршка во земјоделството.
Исто така и Г.Г. во својство на службено лице – доктор по ветеринарна медицина во правното лице „Ветеринарна станица со лабораторија за лабораториско– клинички испитувања Станојко и други“ ДОО Крива Паланка, при земање на мостри за здравствена заштита на животните – (туберкулоза и бруцелоза) од одгледувалиштата на Г.Ѓ., С.Ѓ. и А.Ѓ. за правното лице противправно прибавил корист во износ од околу 107.328 денари и за тој износ го оштетил Буџетот на Република Македонија. Првопријавениот З.И. од своја страна ги потпишал изготвените фактури како да се уредни, иако според доставената документација за 2015, 2016 и 2017 година биле констатирани неправилности во одгледувалиштата.
Пријавените, Г.Ѓ., С.Ѓ. и А.Ѓ., пак, регистрирале одгледувалишта за крупен добиток и земале субвенции, но не ги обезбедиле основните услови за држење и одгледување на добитокот. Имено, тие необезбедиле основни услови за заштита и благосотојба на животните, како што се: избегнување на штетни влијанија на надворешни фактори од животната средина, необезбедиле секојдневно вода за напојување со соодветен квалитет, како и храна со соодветна хранлива вредност. Покрај ова, тие како одгледувачи неoбезбедиле ни соодветни живеалишта и простор за сместување, како и опрема која ги исполнува минималните стандарди за заштита и благосостојба на животните.
Токму поради таквите услови Г.Ѓ., С.Ѓ. и А.Ѓ. овозможиле стоката неконтролирано да се движи по магистралниот пат Крива Паланка – Граничен премин „Деве Баир“ и на тој начин го загрозувале патниот сообраќај доведувајќи ги во опасност учесниците во сообраќајот. Исто така, сточниот добиток неконтролирано и без надзор се движеле на подрачјето на неколку села и предизвикувале различни штети на месното население, кое во повеќе наврати пријавувало во Полициската станица Крива Паланка.