Извозот на руски гас во Европа преку гасовод падна во 2022 година на најниско ниво во постсоветскиот период, бидејќи најголемиот купувач го намали увозот поради конфликтот во Украина и поради тоа што главниот гасовод беше оштетен во експлозии, се наведува во податоците и пресметките на Гаспром.
Главниот извршен директор на Гаспром, Алексеј Милер, изјави дека извозот надвор од територијата на поранешниот Советски Сојуз оваа година ќе достигне 100,9 милијарди кубни метри гас,.
Британската агенција Ројтерс забележува дека во оваа сума е вклучен и извозот во Кина преку гасоводот Моќта на Сибир, преку кој Гаспром минатата година испорача 10,39 милијарди кубни метри гас.
Ова претсавува пад за повеќе од 45 отсто во однос на 185,1 милијарди кубни метри гас извезени во 2021 година и еден од најниските од распадот на советската држава во 1991 година, пренесува Ројтерс.
Претходното најниско ниво на извоз во пост-советскиот период на Газпром, кое компанијата го дефинира како продажба на гас во странство, беше во 1995 година и изнесуваше 117,4 милијарди кубни метри,
Рускиот директен извоз на гас во Германија беше прекинат во септември по експлозиите на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море. Шведските и данските иследници заклучија дека четирите истекувања на Северен тек 1 и 2 биле предизвикани од експлозии, но не го посочија виновникот за експлозиите .
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг,оваа експлозија ја нарече саботажа.
Извозот на руски гас преку гасоводот Северен тек 1 изнесуваше рекордни 59,2 милијарди кубни метри во 2021 година.
Во меѓувреме, Русија ја зголемува продажбата на течен природен гас (ЛНГ) од морето, главно благодарение на фабриката Јамал ЛНГ на Арктикот, која ја води Новатек. Според Ростат, руското производство на ЛНГ се зголемило за речиси 10 отсто во периодот јануари-ноември на 29,7 милиони тони.
Русија успеа да го компензира помалиот извоз на гас во Европа преку зголемените цени на енергијата, при што нејзините буџетски приходи од нафта и гас скокнаа за повеќе од една третина во периодот јануари-октомври 2022 година.
Гаспром објави и дека неговото производство на гас во 2022 година се проценува на 412,6 милијарди кубни метри. Една година претходно, производството достигна 13-годишен максимум од 514,8 милијарди кубни метри гас.