Пишува: Валентина Вурмо
Претпоставувам дека не е лесно да се застане пред суд и да се сведочи против поранешниот шеф. Со години сте делеле добро и лошо, заедно сте сркале од кајмакот, и сега некако не оди да му го „забиеш ножот во грб“.
Па така, не им беше лесно ниту на Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска , Влатко Чинговски и на Мартин Протуѓер. Сите со внимателно одбрани зборови сведочеа за својот поранешен шеф или претседател Никола Груевски, иако тој е на 800 километри далеку од нив. Дури и не може да се каже дека му го забиле ножот, туку дека само малку го боцнаа.
Поточно, вртеа преку брда и долини, но сепак заклучокот е дека сите сведочеа во полза и поткрепа на обвинението за „Плацевите на Водно“, или за тајниот имот на екс премиерот.
Сума сумарум, Јанкулоска зборуваше за сефовите во поранешното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, и дека понекогаш лично Груевски ( претседателот, како што строго го ословуваше) ги примал парите од донаторите. Чинговски, пак, призна дека бил искористен како поштар, па мислејќи дека предава пакети со документи, наменети за партијата, пренесувал и пари, кои ги превземал Кирил Божиновски.
Јанакиески и Протуѓер ги открија градежните апетити на шефот. Јанакиески посочи дека Груевски бил заинтересиран за земјиштето на Водно од 10.000 квадратни метри, а Протуѓер дека во една прилика Груевски му спомнал дека земал земјиште на Водно! По сето ова, иако Протуѓер, само го боцна, бегалецот вресна од Будимпешта како да го прободе. Му ја оцени изјавата како недостоинствена, пишувајќи фермени за одбрана.
Чудно е како на Груевски не му текнува дека недостоинствено е тоа што избега и ги остави на цедило неговите најблиски соработници. Дека, недостоинствено е што секогаш се „пали“ само кога во јавноста ќе се спомене овој случај, кој лично него го засега, а заборави на Јанкулоска која повеќе од една година е зад решетки во Идризово. Уживајќи во слободата заборави и на десетината судски случаи надвиснати над Јанакиески.
По јавното зауздување на Протуѓер, тој пак се стресе и се затрча да се оправда дека медиумите се виновни, и дека тие му го извадиле сведочењето од контекст. Ќе си дозволам лично да му реплицирам, како еден од тројцата присутни новинари на судењето. Зарем господине Протуѓер не рековте: „Околу 2012 година Груевски ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадрати некаде на Водно“?
Ова стои и во новинарските записи, на медиумите кои беа присутни, но и во судскиот записник од рочиштето. Како експерт за медиуми и самиот знаете дека баш оваа ваша реченица е насловот на веста во која се пренесува вашето сведочење. Сигурно не очекувавте дека ќе ставиме наслов за тоа дека лекарите го советувале Груевски да живее на планина за да го реши проблемот со кашлицата?!
Тоа може и самиот да го каже во судница, а вашето време на уредник кој им диктира наслови на медиумите, кое го слушавме од „бомбите“, оддамна заврши.
Да, имаме разбирање дека не е едноставно да му го свртите грбот, но на крајот од денот вие останатите, неговите лева и десна рака, ќе седнете на обвинителната клупа, за случајот „Титаник“, а тој повторно ќе ви соли памет преку фејсбук.
Зарем заборавивте кога пред 4 години вашиот шеф доброволно се пријави и предложи само него да го уапсат? Кога пак дојде денот, си ги собра куферите и ве остави сами да лежите наместо него.
Затоа следниот пат воопшто не се деранжирајте и искористете ја култната реплика од филмот „Среќна нова 49“, кога изневерените очекувања кон пријателите се оправдуваа со реченицата: „Извини Пиги, морално беше“. Вие само модифицирајте ја изјавата па речете: „Извини шефе, морално беше“!