Извештајот на Јанева пред Советот на обвинители

by Фокус

Првиот шестемесечен извештај на Катица Јанева во кој се анализира нејзината работа, односно отворените истраги, предистражните дејствија, бројот на предмети и осмничени, финансиите, кадровската екипираност, но и опструкциите кои ги имаат при работата, денеска ќе се најде на седница на Советот на јавни обвинители.

Претходно, претседателот на советот, Петар Аневски посочи дека за нив извештајот поднесен од специјалните обвинители е неразбирлив. Иако не е позната причината за тоа, сепак лесно е да се претпостави ако се знае дека Советот, особено неколкумина членови уште од самиот старт на формирањето на СЈО постојано имаат некакви забелешки, па дури отвораат и вербални конфликти со цел да го минимизираат значењето на СЈО и да ја деградираат работата на Јанева.

А таа пак, ниту денеска нема намера да се појави пред Советот на јавни обвинители, исто како што два дена не се појавува пред пратениците во парламентот. Едноставно, Јанева не е обврзана со закон да се појави пред Советот и пред собраниската комисија и да го образложува или да го брани извештајот. Оттаму нејасни се настојувањата и на Советот и на пратениците на ВМРО ДПМНЕ и имаат исклучиво дневно политичка мотивираност. На пример, пратеникот Влатко Ѓорчев за денеска по трет пат закажа седница на која ја повика Јанева, иако добро знае дека таа јвно посочи дека нема намера, ниту обврска да се појави пред пратениците.

Очигледна е намерата на Ѓорчев примерот со непојавувањето на Јанева да го престави како уникатен и незабележан до сега, но вистината зборува дека имало стотици случаи кога подносители на извештаи не се појавувале во Собранието затоа што немале законска обврска.

Истото е и со Советот. И тие знаат дека Јанева нема да се појави, но продолжуваат со истите повици.

Поврзани новости