Извештајот на Европскиот парламент за проширувањето на ЕУ и реформите потребни за да се направи блокот способен да прифати нови членки, укажува дека пристапот во Унијата секогаш мора да се заснова на заслуги, истовремено повикувајќи ги европските институции и членките на ЕУ да се реформираат и да осигураат отсуствотo на нивните реформи да не го одложува приемот на нови членки.
Извештајот за продлабочување на интеграцијата во ЕУ во однос на идното проширување, за кој ќе се расправа вечерва, а за кој ќе се гласа утре, се нагласува дека секоја земја на патот кон ЕУ треба да се оценува врз основа на исполнувањето на критериумите од Копенхаген.
Во извештајот за идното проширување на Унијата, европратениците ги поздравуваат аспирациите на бројни европски земји и нивните граѓани за пристапување во ЕУ, препознавајќи ја важноста на европската интеграција на клучните партнери (Западен Балкан, Украина, Молдавија, Грузија), како и важноста на регионалната соработка во рамките на Источното партнерство и Западен Балкан.
Се нагласува дека не може да има кратенки кога се во прашање вредностите и основните принципи на ЕУ, како и дека владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите и почитувањето на човековите права треба да бидат на врвот во Процесот на пристапување во ЕУ.
Се додава дека борбата против корупцијата и зајакнувањето на граѓанското општество се клучни предуслови за напредок на патот кон членство во ЕУ.
Во исто време, земјите од проширувањето се охрабруваат да продолжат решително да ги спроведуваат потребните реформи и да постигнат опиплив и неповратен напредок, почнувајќи од основите во процесот на пристапување.
Извештајот укажува на потребата од нов моментум во процесот на проширување со цел да се рестартира процесот и да се обезбеди негов континуитет, бидејќи недостатокот на ангажман во претходните години создаде вакуум, отворајќи простор за Русија, Кина и другите надворешни актери, а дека секогаш мора да се почитува принципот на меѓусебна и искрена соработка.
Се нагласува дека усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ е исто така клучен показател за придржување кон основните принципи на ЕУ и одржливоста на идното членство.
Од кандидатите и потенцијалните кандидати се бара да дадат приоритет на брзото и целосно усогласување со ЗНБП и повторува дека пристапувањето може да напредува само доколку земјата се усогласи со рестриктивните мерки на ЕУ.
Документот изразува цврсто уверување дека европските институции треба да ја подобрат способноста на ЕУ да дејствува и да вклучат поедноставени и поефикасни процедури за донесување одлуки, оддалечувајќи се од едногласноста.
Повторно се оценува дека гласањето со квалификувано мнозинство треба да се примени во области како што се заштитата на демократијата, човековите права и владеењето на правото, повеќегодишниот буџет на ЕУ, санкциите и други релевантни прашања од надворешната политика.
Меѓу тие надворешнополитички прашања се отворањето на преговорите за пристап во ЕУ, отворањето и затворањето на поединечни кластери и санкционирањето на назадување, но исклучување на одлуките со кои се овластуваат воени мисии или операции со извршен мандат.
Извештајот повикува на зајакнување на механизмот за заштита на владеењето на правото и основните принципи и вредности на ЕУ, како и капацитет за следење за да се обезбеди усогласеност со критериумите од Копенхаген и изразува уверување дека „во контекст на полноправно членство, диференцираната интеграција е дел од решението за поефикасна, продлабочена и проширена ЕУ“.