Старите занаети во државава полека заминуваат во историјата и сѐ помалку се луѓето што ги одржуваат во живот со цел да бидат спасени од заборавот. Занаетчиските работилници низ земјава се намалуваат, останувајќи да сведочат за едно убаво време полно со среќа низ старите чаршии
Пишува: Јорданчо ЦВЕТАНОСКИ
Крушево пред повеќе од 100 години бил на некој начин лулка на занаетчиството и голем дел од жителите на овој град си имале свои работилници, а чаршијата била раздвижена од секакви занаетчии. Од кујунџиски работилници, ковачници за бакар, калај и железо, работилници за обработка на лос и месо, бочвари и разни други занаети.
Со текот на годините, градот се празнел, па така и огромен процент од занаетчиите го дочекале болниот крај – клуч на врата и потрага по подобар живот надвор од Крушево, но и земјава.
ТАТКО МИ РАБОТЕШЕ СО ДВЕТЕ РАЦЕ И НОЗЕ
Крушевчанецот Санде Мојчески речиси четири децении се занимава со казанџиство, но и со изработка на секакви производи од бакар и месинг. Казаните му се секојдневие години наназад и со голема љубов работи во својата работилница.
„Овој занает ни е наследен. Од дедо ми, татко ми, јас продолжив, и чичко ми, исто така. Јас сум во овој занает од своите 13 години. Уште како млад, татко ми се обидуваше да ми ги покаже тајните на занаетот, но јас на тие години мислев на други работи“, низ смеа го започна разговорот Мојчески.
Неговиот татко не изработувал толку казани, туку поголема слабост му биле сувенирите од бакар (ибрици, чајници), кои според Мојчески се уникатни производи со свои специфики.
„Татко ми сакаше да го научам овој занает и јас постојано му помагав. По училиште бев со него во работилница, а за викендите по цели денови бев во казарница. Не сум сретнал занаетчија како татко ми, затоа што работеше со двете раце и двете нозе“, додава тој.
Штом се вратил од војска, Мојчески се вработил во ЕМО Охрид, но истовремено си работел на занаетот заедно со неговиот татко. Штом починал татко му пред 28 години, Мојчески интензивно се префрлил на занаетот, сакајќи да го усоврши до највисоко ниво.
Обработката на бакарот физички го истоштува занаетчијата, па мора да се прават кратки паузи, за како што раскажува Мојчески, да се земе воздух.
Тој додава дека голем проблем во денешно време е набавката на материјали, кои ги носат од соседна Србија. Но, тврди дека од овој занает може да се има пристоен живот.
ИЗРАБОТУВАЊЕТО КАЗАНИ Е ВИСТИНСКА УМЕТНОСТ
Во Северна Македонија, покрај Мојчески, има вкупно четворица занаетчии за изработка на казани. Двајца од Свети Николе и двајца браќа од Крушево, кои не се толку активни во последните години. Од друга страна, Мојчески изработува и сувенири, тави, котли и др.
„Процесот на правење казан е многу тежок. За еден модел се потребни 20 дена и прво се гори бакарот, за полесно да се обработува. Освен тоа, мора да бидеш добар и во неколку други професии кои се од голема помош за изработка на казан. Ова е уметност. Не може секој да го работи и затоа нема многу занаетчии низ земјава. Тука е сѐ рачно и мора да се има талент и за тоа“, вели Мојчески.
Казанџиството како занает бара голем труд и трпение. Како и во секој занает, така и тука, Мојчески многупати сакал да се откаже и да остави сѐ зад себе што изработил.
„Ми се смачило многупати, ама никогаш не сум се откажал. Некогаш ми е толку тешко, што ми доаѓа да заминам од дома неколку дена. Првиот ден нема да работам, со надеж дека ќе одморам и вториот ден веднаш паметот ми е да се вратам во работилница“, раскажува тој.
Неговото семејство во минатиот век имало и своја занаетчиска работилница во крушевската чаршија, која била место на интересни случувања. Место каде што доаѓале познати личности од сите сфери во општеството.
„Јонче Христоски дошол во дуќанот, а татко ми си работел, не обрнувајќи му внимание како муштерија. Христоски нервозно изреагирал дека не бил забележан, а татко ми му вратил со иста мера. Се насмеале и потоа си поразговарале“, раскажува Мојчески.
Тој имал мерак да го научи синот на овој занает, со надеж дека ќе продолжи уште едно поколение со овој редок занает. Сепак, неговиот син станал алергичен на бакар и Мојчески се откажал од таквата идеја.
Низ рацете на овој занаетчија поминале над 100 казани, од кои досега биле 70 направени нови, додека, пак, останатите биле подложни на реставрација. Тој изработува и крстилници за крштевање деца и неговите производи се низ речиси сите цркви во земјава.
ДРЖАВАТА ДА НЕ ГИ МАЛТРЕТИРА ЗАНАЕТЧИИТЕ
Како и во многу други области, така државата не излегува во пресрет и на овие занаетчии, да потраат подолго и да го продолжат духот на традицијата и на старото време, се жали овој крушевчанец.
„Луѓето во Македонија не сакаат да се занимаваат со ваков занает, затоа што и нема премногу профит од тоа. Ако еден казан е 800 евра, тогаш само 30 отсто од парите се заработка, а се работи 25 дена. Нашата држава не нѐ заштитува нас занаетчиите. Тогаш, ако не нѐ заштитува, барем да не нѐ малтретира“, порача Мојчески.
Во однос на минатото и сега, овој занает не претрпел поголеми измени низ годините, но се појавиле некакви олеснителни алати за занаетчиите.
Постојано има побарувачка за казани и никогаш не паднал интересот од купувачите за ваков вид производи. Како што вели Мојчески, животниот век на еден казан изработен од неговите раце е над 30 години. Многу казани овој мајстор има продадено во соседните Албанија и Грција.
Бакарни сувенири од рацете на ова занаетчиско семејство има и во музејот на Тито „25 Мај“ во Белград, кои биле подарок од неговиот татко преку Општина Крушево.
Од друга страна, негови крстилници за деца има во Лондон, Виена, Италија, Шведска, Словенија, Хрватска, Канада, Австралија, па дури и за Алјаска.
Состојбата со корона вирусот во нашата земја го потфати и овој занает, кој трпи одредени штети поради пандемијата.
„Побарувачката за казаните не е во пад поради оваа ситуација во која се наоѓаме. Кавадарци, Неготино и остатокот од Тиквешијата постојано купуваат од кај мене, затоа што имаат проблем со откупот на грозјето, па мора да прават ракија. Единствено падна побарувачка за крстилници , затоа што нема крштевки периодов“, раскажува занаетчијата Мојчески.
Некои од бакарните сувенири што ги изработува овој мајстор му одземаат големо време и енергија. Како што вели тој, ибриците се најтешки.Тие се производи за садови за вода и многу се комплицирани за правење затоа што се направени од многу елементи, бараат големо внимание и труд и му одземаат многу време на занаетчијата.
Според Мојчески, ибриците се неисплатливи за работа, затоа што се потребни две седмици ангажман, а просечната цена на еден ибрик е 150 евра.
Ако добриот глас надалеку се слуша, така и Мојчески имал понуда од друг градоначалник да работи во неговата општина. Но, такво нешто не се случило.
„Киријата, струјата и давачките кон државата ми понудија да ми ги плаќа општината од која ме бараа. Мое беше само да најдам каде да живеам, само за да бидам во чаршијата. Не прифатив за да не бидам политички етикетиран. Што утре кога ќе дојде друг градоначалник, кој ќе ти даде нови правила?“, смета Мојчески.
Занаетчиските работилници секогаш се магнет за туристите кои дотогаш не виделе такво нешто и се фасцинирани од тоа со какви алати се работи и во какви трошни куќарки, додава тој.
„Порано доаѓаа туристи во мојата работилница. Им покажував како се работи со рачен мев, наковална, како изгледа бакарна тава и во неа предвреме направен зелник – да видат каков е вкусот да се јаде од таква тава. Тоа сега го нема“, го заврши разговорот Мојчески.
Земјава брои околу 10 илјади занаетчии, додека, пак, во Крушево се останати уште неколку, кои се бројат на прсти – еден тенекеџија, еден самарџија, еден потковач, двајца чевлари, но повеќето се повозрасни и младите немаат желба да ги заживеат старите занаети и да ја продолжат традицијата на нивните дедовци, татковци и чичковци.
НЕМА ПРОФИТ АКО ЈА РЕГИСТРИРАМ РАБОТИЛНИЦАТА
Работилницата во која работи крушевскиот занаетчија е во негова сопственост. Како што вели, тоа место сакал да го регистрира како занаетчиска работилница, но, сепак, се повлекол.
„Сакав да направам таков потег, но тогаш ќе треба вториот ден да затворам. Не е исплатливо воопшто. Од еден казан ти остануваат 300 евра заработка и со тие треба да платам данок, здравствено и пензиско осигурување и не останува ништо“, додава Мојчески.
Притоа, нашиот соговорник посочи дека досега не се соочил со никаков проблем од државните институции.