Израелската армија денеска соопшти дека се судрила со оперативците на Хамас во населбата Римал во Појасот Газа и открила 35 влезови кои водат до подземната мрежа на тунели и командни центри на Хамас и дека е пронајдено големо количество оружје.
Како што е наведено, во населбата Римал има „резиденции на високи функционери на Хамас кои ја презеле контролата врз тамошните згради за да управуваат со терористичките активности“, пренесоа израелските медиуми.
Единици од падобранци, тенкови и припадници на борбени инженерски единици се бореа против „Хамас“ во Римал и во населбата Шеик Иџлин.
Поголемиот дел од Римал, некогаш едно од најбогатите населби, веќе претрпе големо уништување во воздушните напади.
Израелските сили влегле и во воен камп во населбата Римал и пронашле складиште за оружје и седум ракетни фрлачи.
Во саботата, армијата ги прошири своите операции на неколку области во северниот дел на Појасот Газа кои се сметаат за упоришта на Хамас, вклучувајќи ги и населбите Зејтун и бегалскиот камп Џабалија.
Планирани се операции и во Шеџаија, каде Хамас и нанесе големи загуби на израелската армија во претходната војна во 2014 година. Војниците полека напредуваа меѓу позициите каде што беа поставени бомбите.
Како што се откриваат отворите кон тунелите, тие се обележани и таму се испраќаат специјално обучени кучиња да проверат дали има експлозив пред специјалните сили да влезат и да започнат операција за фаќање на оперативците на Хамас за да ја преземат контролата врз командните центри и складиштата за оружје внатре.