Израелскиот претседател до еврејските студенти во САД: „Народот на Израел е со вас“

by Fokus

Претседателот на Израел Исак Херцог денеска ги поддржа еврејските заедници ширум светот поради „драматичното враќање на антисемитизмот“ и „заплашувањето“ што го претрпеа еврејските студенти на американските универзитети, кои протестираат против војната во Газа.

Во пораката, Херцог се фокусираше на протестите на универзитетите њујоршкиот Колумбија и Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес. Таму избувнаа жестоки судири меѓу произраелските и пропалестинските демонстранти, што ја натера полицијата да ги расчисти импровизираните кампови од оние кои повикуваа на прекин на израелската офанзива.

На протестите имаше инциденти со антисемитски и запаливи пораки, поради што некои од еврејските студенти се чувствуваат несигурни. И покрај тоа, некои од еврејските студенти, исто така, изразија поддршка за палестинскиот народ.

„Ви велам: народот на Израел е со вас. Ве слушаме. Го гледаме срамното непријателство и заканите“, објави Херцог.

Херцог во соопштението за печатот пишува дека „угледните академски институции, местата на историјата, културата и образованието се контаминирани со омраза и антисемитизам“ поради „ароганција и глупост, поттикнати од морално распаѓање и дезинформации“.

„Со ужас гледаме како се оправдуваат и слават злосторствата од 7 октомври против Израел. Додека тие повикуваат на интифада и геноцид, ние ќе работиме на ослободување на нашите заложници кои ги држи Хамас и ќе се бориме за граѓанските слободи и нашето право да веруваме и да припаѓаме, за правото да живееме гордо, мирно и безбедно, како Евреи, како Израелци, каде било“, нагласи израелскиот претседател.

Поврзани новости