Израелската војска: Силно напаѓаме, ја поделивме Газа

by Fokus

Војската на Израел соопшти дека вечерва изведува „интензивни воздушни напади“ во Појасот Газа, кои „ќе продолжат и во наредните денови“, додавајќи дека палестинската територија е преполовена.

„Сега се водат интензивни напади (…) и ќе продолжат вечерва и во наредните денови“, рече воениот портпарол Даниел Хагари, додавајќи дека израелските сили кои дејствуваат таму ја преполовија областа на „јужна и северна Газа“.

Нешто порано, владата на Хамас извести за „интензивни бомбардирања“ околу болниците во северниот дел на Појасот Газа, каде повторно беа прекинати интернетот и телефонските линии. Според истиот извор, бомбардирана е областа околу болницата Ал-Шифа, најголема во Појасот Газа.

По 30 дена војна меѓу Израел и палестинското исламистичко движење, опкружувањето на северниот дел на територијата и неговото одвојување од југот на Појасот Газа е важна фаза во операцијата на израелските сили, посочи Хагари.

„Ние сè уште дозволуваме премин на цивили од северот на Газа и од градот Газа кон југ“, додаде тој, додека 300.000 до 400.000 луѓе се уште се на северот на територијата, каде што 2,4 милиони жители беа притиснати во катастрофални хуманитарни услови.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен предупреди денеска за време на неговата посета на окупираниот Западен Брег на „присилна депортација“ на палестински цивили од Појасот Газа, како дел од израелската офанзива која е одговор на крвавиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Израелските власти објавија за најмалку 1.400 мртви на израелска страна, од кои повеќето цивили загинаа во првиот ден од нападите на Хамас. Во Појасот Газа, Хамас во неделата извести за 9.770 мртви, меѓу кои 4.800 деца и 2.550 жени, убиени од 7 октомври во бомбардирањето на Израел, кој според него сака да го „уништи“ Хамас.

Поврзани новости