Израелската војска прво најави, па демантира: Нема копнена офанзива во Газа

by Fokus

Израелската армија демантира дека влегла во појасот Газа, иако рано утрово најавија дека и копнените сили влегле во палестинската енклава, пренесе агенцијата АФП.

Непосредно по полноќ, израелската армија испрати порака до медиумите дека трупите се „во појасот Газа“, што го потврди и нејзиниот портпарол Џонатан Конрикус за АФП.

Но, два часа подоцна, војската објави „појаснување“ во кое се вели дека „нема војници“ во Газа, а армискиот портпарол се повика на „погрешно разбрана внатрешна комуникација“ за да ја објасни ситуацијата.

Речиси сите светски медиуми, од Њујорк Тајмс до Гардијан, објавија почеток на израелските копнени операции во Газа.

Израел во петокот употреби тешка артилерија и изврши неколку воздушни напади врз палестинските милитанти во Појасот Газа поради постојаните ракетирања длабоко на израелска територија.

Веќе петти ден траат оружените дејства на Блискиот исток, без знаци за смирување.
Иизраелската армија кратко по полноќ соопшти дека воздушните и копнените сили ја напаѓаат „енклавата предводена од Хамас“.

Иако во соопштението нема други детали, дописниците на израелските весници, кои редовно се брифирани од вооружените сили, велат дека не станува збор за копнена инвазија и дека тоа биле артилериски напади од израелската страна на границата.

Жителите на северна Газа, близу границата со Израел, изјавија дека не виделе израелски копнени сили на територијата, но пријавиле силен артилериски оган и десетици воздушни напади.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот рече дека воената кампања „ќе трае долго“. Израелските власти изјавија дека на Хамас, најмоќната милитантна група во Газа, мора да му се зададе силен удар пред каков било прекин на огнот.

Палестинското Министерство за здравство во појасот Газа вчеравечер објави дека бројот на загинати Палестинци во судирите со израелската армија се искачи на 103, од кои 27 деца, а 530 се повредени.

Според првичните проценки, во некои случаи биле убиени цели семејства.

Израел, пак, тврди дека повеќето убиени во Газа се членови на екстремистички организации и дека имало и жртви во експлозијата на ракетите на Хамас што паднале на палестинска територија.

 

Поврзани новости