Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху донел одлука да ги затвори локалните претставништва на Ал Џезира во Израел се додека трае војната во Газа, со образложение дека катарската телевизиска мрежа ја загрозува националната безбедност, пренесува Ројтерс.
Нетанјаху одлуката ја објави на социјалните мрежи, но кога таа ќе стапи на сила и дали медиумот е трајно или привремено затворен, се уште не се познато.
Во соопштението на владата, на кое се повикува Ројтерс, се вели дека израелскиот министер за комуникации потпишал наредба „да дејствува веднаш“, но еден пратеник кој го поддржал затворањето рекол дека Ал Џезира сепак може да се обиде да го блокира затворањето на суд.
Мерката, се вели во соопштението, ќе опфати затворање на канцелариите на Ал Џезира во Израел, конфискација на опремата за емитување, отсекување на каналот од кабелските и сателитските компании и блокирање на неговите веб-страници. Во него не се споменуваат претставништвата на Ал Џезира во Газа.
Ал Џезира ги отфрли обвинувањата дека ѝ наштетила на безбедноста на Израел како „опасна и смешна лага“ која ги става на ризик нејзините новинари и рече дека го задржува правото да „го следи секој правен чекор“.