Израелската полиција денеска употреби солзавец, гумени куршуми и шок бомби за да растера стотици бедуини кои веќе трет ден протестираат против пошумување на спорната област, тврдејќи дека целта на Израел е да ги избрка од земјата која ја сметаат за своја.
Бедуините протестираа во пустината Негев во јужниот дел од земјата за да спречат одземање на пасиштата во близина на нивните непризнаени села.
Полицијата соопшти дека уапсила 13 демонстранти, кои фрлале камења врз автомобилите. Три лица се хоспитализирани, но со полесни повреди.
Денешните протести избија еден ден откако Владата објави дека е постигнат компромис за суспендирање на пошумувањето, со кое раководи квази-владина организација.
Бедуините сметаат дека пошумувањето е обид да бидат принудени да живеат во плански изградени населби, што е спротивно на нивниот традиционален начин на живот. Тие се најсиромашниот дел од населението на Израел и припаѓаат на арапското малцинство, кое сочинува околу 20 отсто од речиси 9,5 милиони жители. Бедуините имаат државјанство и право да гласаат, но се соочени со дискриминација.