Израелската армија уби Палестинци кои беа во ред за хуманитарна помош

by Fokus

Најмалку 20 луѓе загинаа кога израелската армија бомбардираше место каде што луѓето чекаа во ред за да добијат храна од хуманитарна помош, соопшти Министерството за здравство во Газа.

Во нападот се повредени 150 луѓе, а повеќе од десетина се во критична состојба, се наведува во соопштението за печатот, во кое се нагласува дека бомбите биле фрлени додека илјадници луѓе очајнички се обидувале да добијат хуманитарна помош, пренесува Си-Ен-Ен.

Портпаролот на Министерството за здравство Ашраф ал-Кидра рече дека бројот на жртвите „веројатно ќе се зголеми“ бидејќи болниците немаат капацитет да им помогнат на ранетите, а цивилната одбрана на Газа ги опиша повредите како „неверојатни“.

Светската здравствена организација соопшти дека ситуацијата со храната во Газа е „апсолутно ужасна“, при што хуманитарните работници велат дека ретките испораки на храна ги грабнуваат луѓе „кои очигледно умираат од глад“.

Висок претставник на Обединетите нации денеска повика да се преземат сите мерки за заштита на цивилите, по вчерашниот напад во кој најмалку 20 лица загинаа при гранатирање на тренинг центарот на ОН, во кој беа сместени илјадници раселени Палестинци.

Поврзани новости