Израелската армија ги засили нападите на југот на Газа, синоќа загина 81 лице

by Fokus

Израел ги засили воздушните напади во јужниот дел на Појасот Газа, каде што заложниците држени од Хамас се очекува да добијат лекови и хуманитарна помош за палестинското население според договорот постигнат со посредство на Катар и Франција.

Синоќа, очевидци пријавија удари во близина на болницата Насер во Кан Јунис, главниот град на југот, каде, според Израел, се кријат локални лидери на палестинската исламистичка организација Хамас, пренесе Франс прес.

Напредувањето на израелските сили кон најголемата болница во Кан Јунис предизвика бегство на пациентите и на оние што се кријат во неа.

„Болницата се тресе и владее паника“, се вели во пораката на американски лекар за Си-Ен-Ен, во која во позадина се слушаат и пукотници.

Израелската војска претходно објави дека Хамас неодамна извршил напад од комплексот на болницата.

Израел постојано го обвинува Хамас дека ги користи цивилите како жив штит, а околните области како воени позиции.

Министерството за здравство на Хамас соопшти дека 81 лице загинало во нападите во текот на ноќта помеѓу вторникот и средата во Кан Јунис и други области низ Газа.

ОН предупредуваат дека хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална, а постои закана од глад и здравствена криза среде зима и во време на најдолгиот прекин на комуникациите од почетокот на војната.

Повеќето жители не можат да контактираат со надворешниот свет од 12 јануари.

Поврзани новости